Издавачот на Бајрон, Џон Мареј, поетот Томас Мор и пријателот на Бајрон од неговите денови во Кембриџ, Џон Кам Хобхаус, заедно со адвокатите кои ги престставувале полусестрата на Бајрон и неговата вдовица, одлучиле дека ракописот е толку скандалозен и несоодветен за јавна употреба, што тој би можел засекогаш да ја уништи репутацијата на поетот. Собрани во работната соба на Мареј во централен Лондон, тие ги искинале страниците и ги фрлиле в оган.
Инцидентот често се опишува како најголемото злосторство во книжевната историја. Истовремено, тоа со векови ја поттикнува љубопитноста - какви се тие тајни што сакале да ги скријат неговите пријатели? Инцест? Домашно насилство? Содомија?
Нова книга под наслов „Палењето на мемоарите на Бајрон: нови и необјавени есеи" авторот Питер Кохран ја пренесува целата преписка помеѓу главните учесници во овој настан. Никој во писмата не предупредува дека уништувањето е варварски чин, туку сите се ентузијастични мемоарите што побргу да исчезнат. Иако главно се повикуваат на зачувување на бајроновата слава и заштита на семејството, можно е и самите да биле спомнати во текстот, па нивната агилност всушност да е мотивирана од користољубие и љубомора.
Хобхаус, на пример, тогаш бил тазе избран за член на Парламентот, па можеби бил загрижен дека сенката на авантурите на неговиот пријател можат да се одразат врз неговата сопствена репутација. Тој исто така бил навреден што Бајрон му го предал ракописот на Мор, а не нему. Овој пак од своја страна бил повреден што Бајрон го променил издавачот пред смртта. Вака-така сите како да имале некаква, макар и потсвесна причина за одмазда. Сепак Мор бил единствениот кој ги прочитал мемоарите во целост и бил свесен за нивната вредност. Но по долга расправија со останатите едноставно кренал раце.
Сепак како потенцијално најскандалозна информација содржана во уништениот текст се смета онаа поврзана со краткиот брак кој Бајрон го имал со богатата наследничка Анабела Милбанк. Тој наводно бил склучен за да се покрие срамот од тогашна врска на поетот со неговата мажена полусестра, Августа Ли. Но нивниот заеднички живот за Бајрон бил пекол, па една година по свадбата Анабела избегала во Лондон со нивната новородена ќерка, а кратко време потоа Бајрон ја напуштил Англија засекогаш.
Таа никогаш потоа не напишала ни збор за нивниот заеднички живот, а Бајрон ја спомнал во едно писмо како „жена ми-кучката". Неколку биографии се обиделе да ја „рехабилитираат" оваа жена, покажувајќи дека таа била жртва на малтретирање, на кое не можела да се спротивстави и покрај големото богатство и статус, едноставно затоа што била - жена. Можеби тој бил насилен кон неа затоа што всушност сакал да биде со маж, или затоа шот како дете бил малтретирал од дадилката и од строгата мајка? Овие и куп други работи можеби ќе беа одговорени во мемоарите - вака останува да претпоставуваме што се крие во пеплосаните страници.
Авторот на книгата, Кохран, кој почина минатата година, има оставено 23 детални монографии за Бајрон, како и безброј статии и онлајн материјали за проучување на поетот. Оваа книга содржи есеи поврзани со сè, од бајроновите мрсни вицови, преку неговата помалку позната хуманитарна работа, до насловите на книгите кои ги чувал во личната библиотека.