Во текот на летото 1936 година, повеќе од 11.000 луѓе во САД и околу 1.000 во Канада починале директно или индиректно како последица на екстремните температури. Освен од топлотни удари, луѓето гинеле и во несреќи предизвикани од жештината, како експлозии на автомобилски гуми, сообраќајки или падови при обид да се најде поладно место.
Оваа катастрофална година започнала со сурова зима, кога во некои делови од САД температурите се спуштиле и до минус 60, а стотици луѓе замрзнале во своите домови. Во април следувале разорни торнада, а потоа пристигнало едно од најжешките лета во американската историја.
Жештините зафатиле речиси цела земја. Во многу градови температурите со денови надминувале 38 Целзиусови, а на некои места достигнувале и над 45 степени. Само неколку области, како планинските делови на Колорадо и Вајоминг или крајбрежната Флорида, биле поштедени благодарение на поволните климатски услови.
Особено трагичен бил 14 јули 1936 година, кога само во еден ден официјално биле регистрирани повеќе од илјада смртни случаи предизвикани од жештината. Во болниците лекарите работеле без престан, а во некои градови умирал по еден човек на секои неколку минути.
Покрај човечките жртви, топлотниот бран ја разнишал и дотогашната култура на облекување. Во тоа време повеќето Американци, особено мажите, и во лето носеле повеќеслојна облека, вратоврски, палта, шешири и други модни додатоци. Иако таквата облека била неподнослива на високите температури, општествените правила не дозволувале многу отстапувања. Во некои градови носењето шорцеви на јавни места, па дури и соблекувањето на машката кошула на плажа, можело да доведе до апсење.
Сепак, екстремната жега почнала да ги менува ставовите. Лекари и здравствени власти јавно препорачувале луѓето да носат што е можно полесна облека. Претседателот на Здравствениот одбор на Чикаго, д-р Херман Бундесен, дури изјавил дека мажите би требало да носат само онолку облека колку што бара полицијата, оценувајќи дека токму тие најнеразумно се облекуваат во текот на летото.
Во многу американски градови започнале јавни расправи дали треба да се дозволат шорцевите. Во Јонкерс, државата Њујорк, двајца новинари биле уапсени затоа што намерно се појавиле во шорцеви за да го оспорат локалниот пропис што ги забранувал. Иако судот им изрекол парична казна, таа никогаш не била наплатена, а веќе следната година законот бил укинат.
Паралелно со промените во облекувањето, жештините придонеле и за побрз развој на климатизацијата. Болниците почнале да ги климатизираат операционите сали, а научните истражувања покажале дека новороденчињата имаат значително поголеми шанси за преживување доколку се раѓаат во климатизирани простории. Истовремено, некои научници веќе тогаш предупредувале дека глобалните температури постепено растат и дека екстремните топлотни бранови може да станат сè почести.
Иако подоцна вниманието го засениле Втората светска војна и модните промени од шеесеттите години, историчарите денес потсетуваат дека токму летото 1936 година ги поставило темелите за современото летно облекување. Маиците со кратки ракави и шорцевите, кои денес се неизбежен дел од летната гардероба, почнале да стануваат општествено прифатливи токму поради оваа природна катастрофа.