Едно јулско попладне во 1878 сенката на месечината паднала на американскиот запад, затемнувајќи ги небата од Монтана до Тексас. Оваа ретка небесна појава - целосно помрачување на сонцето - претставувала скапоцена можност за решавање на некои од најгорливите загатки на сончевиот систем. Неколкумина американски научници, лоцирани на различни места на патеката со своите тимови, со нетрпение ги очекувале трите минути темница.
Едниот - Семјуел Пирпонт Лангли, директор на опсерваторијата во Пенсилванија, се искачил на планините на Колорадо за да ја испита надворешната атмосфера на сонцето - соларната „корона“. На пониска надморска височина, во Вајоминг, Томас Едисон го склопувал неговиот најнов пронајдок - инфра-црвен детектор наречен тасиметар, со чија помош сакал да ја измери топлината кој го емитира сончевиот сјај околу затемнетата месечина. Физичарот Џорџ Ф. Баркер, „вооружан“ со спектроскоп, му се придружил на Едисон, а други научници од Принстон, Јеил и други универзитети се лоцирале во регионот на Карпестите планини.
Една од експедициите сепак немала само научни цели. Тимот на Васар колеџ, кој се состоел исклучиво од жени, бил раководен од Марија Мичел, најпознатата жена-научник во тој период од областа на астрономијата, која открила комета и за тоа добила златен медал од кралот на Данска. Таа во еклипсата видела и политичка можност - наспроти истражувачките групи составени од мажи кои биле поддржани од владата на САД, да состави сопствена, чии членки ќе бидат модели за некои идни девојки и жени да се запишуваат на факултети и да станат научнички.
На денот на замрачувањето, тие во околината на Денвер извадиле дрвени столчиња, поставиле мал шатор за сенка и склопиле три телескопи. Локалните жители биле фасцинирани, особено мажите, кои наместо да гледаат кон небото, се ѕвереле во елегантните девојки како во небесни нимфи.
Во оваа пи-ар смисла експедицијата ја постигнала својата цел. На Мичел ова ѝ било многу важно затоа што воочи нејзиниот 60-ти роденден веќе се чувствувала стара и фрустрирана што самата не постигнала повеќе, па се обидувала да остави наследнички кои нема да дозволат машка доминација во науката.
Умрела во 1889, на 70 години, и не доживеала да ги види ефектите од нејзините напори не само во американската, туку и во науката воопшто. Но неколку нејзини наследнички ќе станат познати астрономи - една од нив од доцниот 20 век, Вера Рубин, во 1940-тите студирала на универзитетот Васар. Во интервју од 1989, запрашана за мотивот да се занимава со астрономија изјавила: „Знаев за Марија Мичел, веорјатно од некоја детска книга. Знаев и дека предавала на Васар. Па така никогаш не ми падна на памает дека НЕ можам да бидам астроном“.
Подолг извадок од книгата тука