Нежно потсетување на минливоста

Земјотресна уметност

Како да се разбере реалноста на геолошки активниот свет, и да се живее со тоа сознание, без истото да се поврзува само со катастрофи и страв? Уметноста, таа универзална терапевтска алатка, помага. Особено ако е споена со релеватно научно знаење. 

Kенет Голдберг (1961) е професор по индустриско инженерство на Универзитетот Калифорнија, Беркли. Но тој е и уметник, писател и изумител, а особено го интересираат роботиката и сеизмологијата.

Голдберг во 1994 стана познат по уметничката инсталација во музејот Арс Електроника во Австрија наречена Телеградина. Практично тоа беше првиот робот на интернет, кому инструкции му даваа десетици илјади луѓе - градина која секој можеше да ја сади, наводнува и негува онлајн, користејќи индустриска роботска рака. Тој траеше девет години, а основната идеја беше да се поврзе физичкиот, природен свет со оној социјалниот преку интернет, да се овозможи пристап не само до информации туку и нешта кои се живи и органски и динамични.

Во меѓувреме Голдберг се запознал со колега сеизмолог од Беркли, кој се согласил да му даде пристап до проток на податоци во реално време од движењата на Хејвард Фолт, тектонска пукнатина која минува низ центарот на Беркли, која е прилично нестабилна, но за која локалните жители, па дури и научниците од самиот универзитет низ кој минува, не сакале да се потсетуваат дека постои. „Кога ги прашував што имате во вашите пакети за прва помош при земјотрес тие одговараа - не знаеме за што зборуваш", вели Голдберг. Тогаш одлучил преку нов проект, наречен Memento mori (латински - спомни си дека си смртен), не морбидно, но сепак прилично јасно да ги потсети неговите сограѓани и колеги дека колку и да не сме свесни за тоа, и колку и да одрекуваме, почвата под нас има свој живот, кој не ни се прилагодува нам. За таа цел направил сајт каде не се прикажани сеизмограми, туку минималистички траги преку црн екран, кои се сепак реални прикази на движењето на пукнатината за која стана збор погоре. Класичниот приказ, со координати, не е запазен, за добиената слика да личи на чукање на срце - во овој случај срцето на Земјата.

Следен чекор било додавање на аудио компонента на доживувањето. Композиторот Рендал Пакер работел на сонификацијата, поаѓајќи од звуците кои инаку не можат да се чујат со човечко уво бидејќи се со премногу ниска фрекфенција. Она што го направил е сеизмичките сигнали да претставуваат еден вид „тригери" на други звуци, како некаква диригентска палка, која координира цел оркестар од природни звуци - водопади, громови и молњи.

Но Голдберг не застанал тука. Откако добил грант од Јапонија, изградил цела сеизмичка инсталација со акустична просторија со екстремно јаки суб-вуфери под дрвениот под. Целата идеа е да влезете во просторијата и да легнете на подот, по што тој почнува да се тресе и да ве „голта" што создава чувство дека се наоѓате внатре во земјата. Она што е најинтересно е што сигналот доаѓа од земјата во реално време, а не е претходно програмиран.

Ако мислите дека ова е сè, се лажете. По случајна средба на Голдберг со примабалерината од балетот на Сан Франциско, Мјуриел Мејфр, тој ѝ предложил да танцува на звукот на земјата. Тоа е прилично ризично, бидејќи со сигнал во живо никогаш не може да се предвиди каков ќе биде тој. Но проектот сепак успеал, и бил изведен како триминутен танц во операта во Сан Франциско, во спомен на големиот земјотрес кој го има разрушено овој град во 1906.

Најновиот проект на Голдберг во врска со сеизмичките сигнали е наречен Блум и претставува визуелизација на податоци во форма на шарени кругови, кои немаат научна вредност, но кои откако ќе ја сфатите логиката зад боите можат да се „читаат" онака како што се читаат сеизмичките податоци.

26 јули 2013 - 14:59