Запознајте го вашиот нов омилен инструмент

Необично електронско џиџе, кое личи на играчка, всушност е инструмент на којшто може да се свири на повеќе начини. Веќе го замисливме како распалува во некоја кафана, заменувајќи го целиот оркестар.

Се вика Инструмент 1, се состои од плоча која личи на гитарскиот „гриф" (оној дел над кој лежат жиците), со шест гребени чувствителни на притисок и брзина наместо жици, со копче за одредување на јачината и видот на звукот, звучници на обата краја и вграден мерач на забрзувањето.

Тимот Артифон од Нешвил, којшто се јавува како дизајнер на инструментот, започна кампања на Кикстартер, и ги собра потребните 75,000 долари за само шест часа. Во моментов на нивната сметка има дури 600,000 долари. Тие велат дека нивниот изум може да свири како гитара, виолина, бас, пијано, тапани, да биде поврзан со мобилниот, таблетот и компјутерот, дека може да се употребува со стотина апликации за правење музика, дека е ергономски и е целосно амбидекстерен, односно дека можат да го користат и леваци и деснаци.

„Веруваме дека секој може да создава музика, и дека повеќето луѓе го посакуваат тоа. Сега не мора да бидете професионалец за да почнете да правите музика и да уживате во секоја нота", вели Артифон.

Во моментов инструментот се нуди како награда за донација од 349 долари за црна или бела верзија, која може да се испрати насекаде низ светот, или 899 долари за тн. „Нешвил" модел, кој е со дрвена подлога и може да се дистрибуира само во САД.

Еве како реагираат луѓето кога прв пат ќе го фатат во рака:

11 март 2015 - 20:58