Започнува судење за кражба на стиховите од албумот „Хотел Калифорнија“

Tројца мажи обвинети за конспирација поврзана со кражба на стихови на песните од албумот на Иглси од 1970-тите ќе бидат изведени пред њујоршки суд. Интересното е што тие најверојатно не се оригиналните крадци, туку само препродавачи. За главниот нема доволно докази.

Во суд во Менхетен почнува судење на тројца обвинети за криминално здружување кое вклучува нелегално поседување на оригиналните, рачно пишувани стихови за антологиската „Хотел Калифорнија“ на Иглси. Ирвинг Азоф, долгогодишниот менаџер на бендот, изјави дека бендот се обидува да си поврати околу 100 страници наводно украдени стихови од албумот напишани од ко-основачите Дон Хенли и Глен Фреј. Тие му биле дадени на користење на рок новинарот Ед Сандерс, најмен од бендот да напише биографска книга за групата, нешто што се случило пред дури 40 години. Сандерс ги зел жолтите листови на кои биле испишани стиховите од визбата на Хенли во Малибу.

Но во пресврт кој е исто толку енигматичен како и самите стихови на „Хотел Калифорнија“, Сандерс не е оној кој е тужен.

Тројцата обвинети се колекционерот на ретки книги Глен Хоровиц, продавачот на меморабилија Едвард Косински и поранешниот куратор на Рокенрол халата на славните Крег Инсиарди. Тие наводно биле свесни што поседуваат и се обиделе да ги продадат стиховите без согласност на бендот и намерно замаглувајќи го начинот на кој ги добиле истите. 

Ракописот на „официјалната“ биографија на Иглси била отфрлена од бендот, чии членови биле „крајно разочарани“ од резултатот и која никогаш не била објавена. Тогаш започнала долга препирка со Сандерс, кој барал многу повеќе од начелно договорениот хонорар од 25.000 долари. На крај му исплатиле 75.000 но почнале да се чувствуваат уценето кога тој им рекол дека наместо биографија ќе објави опис на распадот на Иглси од крајот на 1980-тите.

Одбраната на обвинетите вели дека тие не знаеле дека стиховите се украдени, бидејќи Сандерс бил почитувана книжевна фигура кој работел како авторизиран биограф на Иглси, па оттаму било логично дека тој би можел да ги поседува овие материјали. 

23 февруари 2024 - 07:12