По серија лабораториски истражувања, тим јапонски индустриски дизајнери стигнале до неверојатно откритие - колку што е поголема ротирачката квака, толку е поголема потребата од повеќе прсти за таа да се сврти.
Јапонците се едни од 10-те oдбрани кои го добија овогодинешниот Иг Нобел за истражувања кои „најпрвин прават да се насмеете, а потоа да размислите“. Тие се доделуваат најмалку еден месец пред вистинските Нобелови признанија.
Другите награди кои се доделија на виртуелна церемонија минатата недела вклучуваат таква од областа на физиката за презентација на тоа зошто патчињата пливаат во линиска формација; економска награда за математичко објаснување зошто успехот често не оди кај најталентираните туку кај оние што имаат најмногу среќа; додека меѓународна соработка ја доби мировната награда за алгоритам кој им помага на оговарачите да одлучат кога да ја кажат вистината а кога да излажат.
На победниците им беше дадена вообичаената банкнота од 10 трилиони долари од Зимбабве, а помеѓу оние кои ги доделуваа имаше и асли Нобеловци, како британскиот биохемичар сер Ричард Робертс.
Професор Ген Мацузаки, индустриски дизајнер од Институтот за технологија Чиба во Јапонија, чии согледувања за „ротирачката контрола на одреден вид кваки“ ја доби инженерската награда, изјавил дека добил признание за значаен проблем за кого „никому не му е гајле“.
Откако анализирале видео снимки од 32 волонтери како вртат 47 ротирачки кваки со различни димензии, истражувачите заклучиле дека за да се сврти рачка поширока од 1 сантиметар се потребни три прста, но промената кон четири или пет се случува кога таа надминува 2,5 цм и 5 цм во дијаметар. „Не можеме да свртиме квака со мал дијаметар со сите пет прсти“, заклучил тимот во списанието на Јапонското здружение на науката на дизајнот. По објавувањето на ова дело во 1999, академскиот фокус на Мацузаки се свртел кон рачки за чанти и држачи за чадори.
Професорот пак кој ги истражувал патките се вика - Френк Фиш. Тој поставил група патчиња кои следеле механичка мајка-патка во голем аквариум и сфатил дека линиската формација заштедува енергија, со тоа што последното патче во низата има најголем ќар од тоа.
Книжевната награда отиде кај тим кој анализираше што е она поради што правните и институционалните документи се толку неразбирливи. Истражувачи од Универзитетот во Единбург заклучиле дека не е до комплицираните концепти, туку до лошото пишување, на пример комбинирањето две реченици, кои наместо да бидат одделни се ставени една во друга. Не биле земени предвид други мотиви за комплицирање, како на пример намерното усложнување за читателот да не знае за што станува збор.
Други наградени истражувања вклучуваат како запекот влијае врз шансата шкорпиите да се репродуцираат, како и анализа на грнчарски производи на Маите која тврди дека наспроти традиционалното сфаќање дека древните народи биле длабоко контемплативни нивната култура всушност била резултат на алкохол и халуциногени растенија.