„Сликам и вајам жени, најубавата тема со која може да се занимава еден уметник, затоа што таа е е неисцрпна и вечна. Се дефинирам како хипер-фигуративен, интимен сликар", изјавил Аслан, чии илустрации најпрвин биле објавувани во списанието Lui (Тој), француска верзија на Плејбој, и тоа од неговото основање во 1963.
Она што е интересно во биографијата на овој уметник е дека по завршувањето на Школата за убави уметности во Бордо, на само 22 години, добил позиција на официјален сликар и скулптор на француската армија. Но правењето бисти на заслужни воени лица наскоро му здосадило, па почнал да ги слика симпатичните, насмеани пин-ап девојки. Во четириесетите на минатиот век вакви „пин-ап" фотографии (уште наречени и чизкејк) веќе биле популарни во САД, но Аслан промовирал еден цел нов „европски" стил, вметнувајќи вакви цртежи и во реклами за големи авто-компании како Пежо, Рено или Фиат.
Појавата на пин-ап девојките од страна на жените уште во почетоците на овој „жанр“ била дочекано и со протести и со одобрување. Аргументите на вториве биле дека ваквите цртежи помагаат во ослободување на женската телесност и нејзино детабуизирање, односно претставуваат „позитивно пост-викторијанско отфрлање на телесниот срам и здрава почит кон женската убавина". Оние пак кои биле против велеле дека сликите го корумпираат општествениот морал и ги снижуваат стандардите на женственоста. Сепак, во шеесетите во Франција ова воопшто не претставувало проблем за Аслан, кој и покрај занимавањето со пин-ап сепак успеал да влезе во францускиот уметнички мејнстрим, пред да се пресели во Канада каде и почина на 94-годишна возраст.
Имено, во 1968 тој направил статуа на Брижит Бардо како Маријана (националниот симбол на Франција), нарачана од страна на Лувр, како и 20,000 копии од неа кои биле поставени во бројните општини низ Франција. На тој начин е воспоставена нова традиција на претставување на овој алегориски лик на Републиката преку славни Французинки. Потоа направил нова Маријана, овој пат според ликот на славната пејачка Миреј Матје, како и две посветени на Далида, една која според негова желба ќе го краси неговиот гроб, а друга за плоштадот на Монмартр кој го носи неговото име.
Извор: Ле Фигаро