Загубената уметност на закрепнувањето

Нова книга, мешавина на историски податоци и медицински совети, тврди дека понекогаш тешкиот процес на заздравувањето е дел од она што нè прави луѓе - тој не смее да се скратува ниту да се сили, затоа што последиците од недоволното закрепнување само ја продолжуваат и засилуваат болеста.

Без оглед на тоа дали станува збор за повреда или за сериозна болест, сите сме ги искусиле маките на заздравувањето. Покрај лекарствата и медицинските третмани, интимно мораме самите да се справиме со она што ни се случува, да го прифатиме најсмирено што можеме и да обезбедиме периодот во кој ќе бидеме снеможени да помине без големи последици по работата и по семејството. 

Нова книга која излезе на 13 јануари под наслов „Оздравување: загубената уметност на закрепнувањето“е напишана од докторот и писател Гавин Франсис, кој смета дека медицината е „сојузништво помеѓу науката и љубезноста“. Закрепнувањето често не е резултат исклучиво на погодена дијагноза и соодветна терапија, туку и на надеж, способност за трансформација, оптимизам и на секојдневното чудо на исцелувањето.

Toa според авторот почнува со „простор, светлина, хигиена, зеленило и тишина“. Истражувањата покажале дека болници во кои на пациентите можат да видат дрво од прозорецот им се потребни помалку аналгетици или седативи во споредба со оние кои или гледаат во ѕид, во телевизор, или во фасади на други згради. Но исто толку важно е и менаџирање на очекувањата. Секое пренаглување, преголема амбициозност да се стане и да се биде во стариот колосек може да го успори исцелувањето. 

Закрепнувањето секако зависи и од тоа дали некој може да си дозволи време (читај: луксуз) просто да лежи и да чека да му биде подобро. Франсис завлегува и во политичките и социјални аспекти на овој проблем, односно колку општествата се (не)великодушни кога неговите членови привремено ќе станат непродуктивни за „големата машина“ во којашто тие се запчаниците. Франсис се осврнува и на закрепнувањето од „долгиот Ковид“ но и од длабокиот стрес и тагата кои резултираат од губењето блиски во актуелната пандемија. 

Ова е кратка и информативна книга и за оние кои се во тек на сопственото закрепнување, но и за оние кои ги поддржуваат. Иако авторот е доктор, таа содржи корисни совети кои ја надополнуваат стандардната медицинска терапија, а меѓу нив спаѓаат чувањето љубимци и исцелувачката моќ на природата.  

18 јануари 2022 - 18:18