Откако го издал својот прв роман, Player Piano во 1952, којшто критиката го прифатила позитивно но не му донел многу пари, Курт Вонегат морал да смисли алтернативни начини за да го прехрани своето семејство, кое почнало да се зголемува.
Од сите негови обиди, на пример да се бави со продажба на автомобили или да пишува за спортско списание, тој посветил најмногу внимание дизајнирајќи друштвена игра. Насловот е изненадувачки - „Генералштаб“, а ако помисливте дека тој е можеби употребен во смисла на дидактичка лекција за залудноста на војната, грешите. Тоа е брзопотезна воена игра за двајца, во која секој играч маневрира со воени единици - пешадија, оклопна дивизија, артилерија и воздухоплоствто, за да го заземе туѓиот генералштаб.
Вонегат никогаш не успеал да ја продаде играта, но таа сега е достапна за купување. За нејзиното конечно производство е заслужен дизајнерот на игри Џеф Енгелстин, кој случајно наишол на спомнување на играта што го инспирирало да се распраша за нејзиниот статус кај наследниците. Пронашол 40 страници белешки во хартиите на Вонегат, вклучително неколку ревизии на правилата, но и писма кои тој им ги испраќал на компаниите за игри. Се обидувал да ја продаде како „популарна игра со пиони“, па дури тврдел дека со неа можат да се тренираат кадети на Вест Поинт.
Првото официјално издание на играта содржи делукс дрвени парчиња и книгичка од 24 страници со коментари, вклучително и некои од оригиналните белешки, за да се има увид во креативниот процес на авторот.