Постоењето на црни јами е идеја која истовремено воодушевува и плаши, особено во светлина на идејата дека милијарди такви би можеле да го населуваат космосот. Со децении во текот на 20-тиот век еминентни физичари одбивале да веруваат дека тие би можеле да бидат реални, игнорирајќи ги математичките докази. Во скептиците се вбројувал дури и Алберт Ајнштајн, чија теорија на генерална релативност - иронично - ги овозможиле сознанијата за црните јами.
Сепак, една личност покажала неверојатно знаење за црните јами многу пред да се роди Ајнштајн. Користејќи ги само Њутновите закони, малку познат британски свештеник по име Џон Мичел (John Michell) ги предвидел овие астрономиски необични објекти во 18 век.
Мичел бил роден во 1724 во Икринг, Англија. Уште од мал покажувал талент за брзо учење. Неговите родители биле латитудинаријанци, христијанска секта која верувала дека придржувањето на многу специфични доктрини и литургиски практики, како што тоа го проповедале пуританците, не се неопходни и дека можат да бидат дури и штетни. Името доаѓа од „сенсу лато“, латински термин за релаксиран, што во случајов се однесува на релаксирано протестантство. Традицијата потекнува од Универзитетот во Кембриџ и токму од Исак Њутн. Така, кога дошло времето Џон да влезе на универзитет, заминал токму таму.
Мичел останал таму повеќе од 20 години, заземајќи различни професорски и други позиции, учејќи хебрејски, грчки, теологија, аритметика и геологија. Во 1760 објавил статија која демонстрирала како земјотресите се движат низ земјените слоеви формирајќи бранови. Покажал начин за проценување на епицентарот и фокусот на катастрофалниот земјотрес во Лисабон од 1755 и ја истражувал идејата дека подводни земјотреси можат да предизвикаат цунами.
Откако го напуштил Кембриџ, се оженил и заминал во провинцијата за да стане свештеник, следејќи ги чекорите на татко му. Сепак, останал во дослух со науката, допишувајќи се со голем број интелектуалци од тој период, вклучително и со американскиот полимат Бенџамин Френклин.
Од перспектива на 21 век, идејата дека свештеник може да биде во центарот на научниот живот изгледа необично. Но како и повеќето интелектуалци од тој 18 век, Мичел не правел разлика помеѓу религија и наука. Воведувањето на телескопите еден век порано поттикнало огромни дискусии, за бесконечниот универзум. За некои ова значело отфрлање на Божјата доминација, но за Мичел ова не се косело со верската доктрина.
Сепак, тој е најпознат по своите пионерски увиди во постоењето на небесни тела кои се споредливи со црни јами. Сметал дека астрономите би можеле да ги детектираат доколку бараат ѕвездени системи кои се однесуваат гравитациски како да се две ѕвезди, но притоа се гледа само една. Ова според него би значело дека тука е присутна втора ѕвезда која не емитува светлина, односно е црна.
Ова како да е извадено од опис на црна јама од 21-иот век - сите ѕвездени црни јами во нашата галаксија (Млечниот пат) се тн. бинарни системи на икс-зраци, односно точно, како што рекол Мичел, системи од две ѕвезди кои се привлекуваат гравитациски и орбитираат една околу друга.