Го викаат „узбекистанскиот Лувр“. Се наоѓа во северниот дел на земјата, во градот Нукус, кого дури и туристичките прирачници го нарекуваат „непривлечен град“. Аралското море кое е во близина, некогаш едно од најголемите обиколено од копно во светот, сега е смалено заради советските иригациски системи и хемикалиите кои се исфрлаат во водата. Сите риби во него се мртви. Пејзажот е ужасно фотогеничен ако некој сака да слика за’рѓани бродови на исушени брегови кои изгледаат како да сте на Месечината. Низ областа дуваат токсични ветришта, и има висока стапка на детска смртност и на рак.
Па сепак, токму тука, во Уметничкиот музеј во Нукус, се наоѓа збирката Савицки, која опстоила токму затоа што се наоѓа далеку од сè.
Игор Савицки, поранешен електричар роден во богато руско семејство, дошол во оваа област за да учествува во археолошко ископување во текот на 1950-тите, и почнал да собира локални артефакти, текстили и накит. Бидејќи бил далеку од Москва и другиот центар на моќ, Ташкент, успеал да собере огромна колекција дисидентска авангардна уметност. На крај, во 1966, отворил и музеј. Оддалеченоста на регионот му овозможил да купува и да изложува слики кои биле забранети - властите едноставно немале поим за целата работа.
Некои од сликарите чии дела ги собрал биле мачени или убиени, а голем број минале долги години по гулазите. Делата се главно на руски или на узбечки уметници кои работеле по 1930-тите, кога се што не било соц-реализам било забрането од Сталин. Кои и да било други стилови од тоа време - кубизмот, футуризмот, па дури и импресионизмот - биле сметани за криминал. Формализмот бил казнив со закон. А казните биле сурови. Савицки сфатил дека може да ги спаси овие дела со тоа што ќе се качел на воз до Москва (три дена пат) и ќе се обидел да ги шармира семејствата на сликарите, па тие му ги ваделе сликите од визбите и подрумите и му ги продавале за мали пари. Бил познат како „пријател на вдовиците“, но без оглед на неговите методи, тој собрал значајна збирка од која денес е изложен само мал дел.
(„Конструктивна композиција“, 1919, Георги Ехејстов)
Оваа „дегенерирана“ уметност е жртва на Сталиновиот декрет од 1932 за Реконструкција на книжевните и уметничките организации, кој овозможил силна цензура и казнување на оние уметници кои го прикажувале советскиот човек во грдо светло (како Михаил Курзин кој за сликата „Капитал“ - долу - бил осуден на пет години затвор). Во колекцијата има и голем број дела на жени и на еврејски уметници. Дури и кога музејот ги прикажал цртежите на Надежда Бораваја - парчиња хартија на кои биле нацртани прегладнети затвореници и мртви деца - во каталогот пишувало дека тоа се замислени слики од германски концентрационен логор. Дури и во таа, 1982, не било уште прифатливо да се каже вистината, дека тие биле тајно извлечени од советските гулази.
Чувството да се посети овој музеј е многу поразлично од вообичаеното, не само заради околината во којашто е сместен, туку и заради фактот дека ова е уметност заради која нејзините автори умреле или страдале, собрана од некого чија страст била да ги спаси нивните дела. Денес судбината на овој уникатен музеј е неизвесна, бидејќи посетители има сосема малку, а финансиите опаѓаат. Можеби еден ден збирката ќе треба да се пресели, но тогаш и нејзината симболика ќе биде поинаква.
Целата збирка тука