Пред промоцијата на „Исповедни финеси" на Влатко Галевски

За водата, сапунот и вистината

Има луѓе во овој напорен и сè помалку хуман град, кои се обидуваат барем од своето „внатре" да направат естетски автономна територија. Лежерен, дискретен и посветен на своите љубови, Влатко е еден од нив. Денес промовира и книга, чиј жанр е веројатно најдобро опишан со насловот.

На корицата на новата, и истовремено прва книга кратки раскази на Влатко има фотографија на селска куќа, од оние стамените, нечепнати од времето, со мала веранда, на која собира едвај едно столче. Рано е и маглината само што не почнала да се крева, но домаќинот е веќе заминат по риба - на столчето ќе седи кога ќе се врати, чистејќи ги рибите, а потоа, откако внимателно ќе ги измие рацете со вода и сапун, запишувајќи го она за што размислувал дента. Од време на време ќе го крева погледот и низ стаклата на наочарите ќе се обиде да распознае силуета на гостин кој се приближува по патеката. Затоа што уловот е посладок ако се подели со пријател, исто како и мислата.

Можеби ова звучи како преслаткаста, романтична претстава за некој којшто реално живее во кула во самиот центар на Скопје, а од чија веранда не се пружа ни најмалку идилична глетка. Но има луѓе во овој напорен и сè помалку хуман град кои се обидуваат барем од своето „внатре" да направат таква, естетски автономна територија. Лежерен, дискретен и посветен на своите љубови, Влатко е еден од нив. Има помалку години отколку што му давате, но многу повеќе енергија од вас - за патување, пуштање музики, организирање филмски проекции, пишување колумни, рибарење или виткање сарми. Еве сега напишал и книга кратки есејо-раскази, веројатно жанровски најдобро опишани со самиот наслов - „Исповедни финеси". Таа ќе се промовира денес (четврток) во 20 часот во Менада. Додека ја прочитате целата, еве еден расказ од неа, како и поговорот на промоторот Ферид Мухиќ.

Влатко, да ти се множат!

ВОДА И САПУН
(орудија на вистината)

Веројатно не е епохално откритие, но секако е необично сознание дека за човекот, со водата започнува и завршува животот... и со сапунот.

Воздухот како еден од библиските елементи е само со привидна предност пред водата (и сапунот). Новороденчето , природно започнува со живот со првиот плач, со првиот здив. Но претходно капејќи се во мајчината вода, веднаш потоа, доаѓајќи на новиот свет, следува капењето со вода (и сапун или сапунско средство). Кај животното финале, покојникот, кој веќе го потрошил последниот здив, ќе го напушти земскиот свет, само откако ќе го мине последното капење со сапун (и вода).

Така, од Почетокот до Крајот сапунот и водата се неизбежен дел од нашето овоземско присуство, и ќе ги трошиме во огромни количини. Сакале или не, сапунот (и водата) е (се) во употреба почесто од кој и да е друг реквизит во текот на денот, годината и животот.

Водата и сапунот одат заедно. Со нивна помош ја одржуваме личната хигиена, го чистиме извалканото на себе. Иронично е што (со оглед дека сапунот главно се произведува од животински масти) теоретски можеме да бидеме чисти со препарат создаден со топење примероци од нашиот цицачки род. Хигиеничен канибализам.

Но, од што сè можат да нè исчистат водата и сапунот? Единствено човекот, покрај физичката, има потреба да ја одржува и менталната хигиена. Можат ли со вода и сапун да се измијат лагите, на пример? Можат ли водата и сапунот да ги избришат лошите сеќавања и направените грешки? Можат ли да ја исчистат совеста? Можат ли да ги исплакнат валканиците зад нас? Со каква вода и со каков сапун да ги „спереме" сторените гревови?

Не заборавајте дека и со раѓањето и со смртта, човекот е табула раса. Водата (и без сапунот) е иницијација, Воведување, Преобразба, Искушение, токму во моментот кога човекот минува од световна во света состојба. И бидејќи смртта е враќање кон животот, водата (и сапунот) ќе го иницираат моментот на постигнување „интелектуална празнина".

Само последното капење со вода и сапун, пред да ве качат на одарот, може да измие сè. Тоа што е предоцна, тебе, покојнику, нема да ти значи ништо... Но на првото новороденче во твоја близина, на твоите блиски па и подалечни пријатели и познајници нема да им биде сеедно дали и по рециклирањето, „твојата" вода оставила матни траги, и дали не го контаминирала светот по Тебе. Вие (идни покојници) можете да живеете валкано колку што сакате, можете да штедите вода (и сапун) за своето капење а да се возите во тазе испрано порше, можете да ручате со неизмиени раце и по големата нужда, но знајте дека од последното капење нема да се спасите. А во помнењето на оние по Вас - каква иронија - секогаш ќе останете нечисти.

*** 

ШАРМОТ НА АВТЕНТИЧНОСТА

Да живееш, значи да се занимаваш со најопасна работа! Сите одбегнати стапици водат кон онаа последната, која никој никогаш не успеал да ја одбегне! И ете ти веднаш аргумент за депресија, песимизмот, мрзливост, аматерска филозофија на ескапизмот, екапади на абулија, периодични напади на анорексија. Кога центарот на сите стимуланси е лоциран надвор од човекот, тој постапно сосема ја губи својата автономија. Сè што му се случува на таквиот депресивен и од себе отуѓен човек, за него е помалку важно од она што им се случува на другите. ТВ-екранот, весниците, магазините, медиумите се следат за да се биде во тек со она што им се случува на тие другите.

Опусот на Влатко Галевски, филмски и музички критичар со огромна а по квалитет исклучителна продукција, автор со извонредно реноме меѓу читателската публика и со максимален рејтинг меѓу колегите критичари, во својата нова книга поаѓа од дијаметрално спротивна интелектуална и филозофска позиција. Во збирката „Исповедни финеси", со препознатливо својот, уникатен и личен списателски шарм, Влатко Галевски ја торпедира песимистичката, аутистичката, депресивната и алиенирачката психоза на која, по инерција и имитација, последниве децении ѝ подлегнуваат сè поголем број луѓе.

Да живееш, значи, исто така, да се занимаваш со најубава, најинтересна, најкреативна работа! Зошто да се антиципира неизбежниот трагичен крај на поединечниот живот, кога животот е токму она што се случува во меѓувреме! Животот е она што самите можеме да го направиме, и она што никој наместо нас не може да го стори! Ако во религиската традиција, луѓето се ослободувале од фрустрациите на сторениот грев низ институцијата исповедување, денес, повеќе од кога и да е порано, е потребна институција на исповедување радост, ведрина, добрина, накусо, автентичноста на секој наш гест, дури и кога неговите пропорции најприкладно се изразуваат низ уметноста на минијатурата односно кога се демонстрираат како финеса! И токму тоа го прави Влатко Галевски со оваа збирка од извонредни минијатури. Во секој расказ на оваа книга, може да се открие по една секвенца на автентичен живот. Тие секвенци дејствуваат директно, непосредно, и ефикасно - нивната хуманистичка инспирација совршено се вклопува во навидум левтерен, но мошне внимателно избран и беспрекорно реализиран естетски код, со што Влатко Галевски формулира едно апсолутно исклучително и исто толку потребно стојалиште на обновен респект за автентичноста на нашиот сопствен живот.

Длабоко сум убеден дека книгава што ја држите во рацете спаѓа во онаа хуманистички инспирирана и естетски афирмирана литература од рангот на Саројан, Селинџер, Ефраим Кишон, што одигра витална улога во самопочитување на цели генерации.

Ферид Мухиќ

4 јуни 2015 - 08:21