Пред неколку години психологот Елизабет Дан и нејзиниот колега Џилијан М. Сандстром од Универзитетот во Британска Колумбија, тестирале дали кратки разговори со туѓинци можат да го подобрат расположението. Тие побарале од учесниците да влезат во продавница за кафе и да земат за пиење, при што половината требало само да влезат и да излезат без да се задржуваат, но друга половина требало да почнат разговор со оној на каса.
„Сфативме дека луѓето на кои им беше доделена задача да ја претворат оваа економска трансакција во брза социјална интеракција го напуштиле кафичот во подобро расположение. И почувствувале поголема припадност на нивната заедница“.
Истите истражувачи дошле до заклучок дека овие навидум тривијални средби со небитни ликови во нашите животи - мајката со дете на локалното игралиште, продавачот во мини-маркетот - можат да ни влијаат врз чувството на среќа и да ни ја задоволат потребата од човечки контакт на дневна основа. Накратко - благосостојбата не ни зависи само од некакви длабоки и долготрајни односи со други луѓе, туку и од изненадувачката моќ на тн. „слаби врски“, кои прават да се чувствуваме дека нашето постоење е забележано.
Ако поврзувањето со други луѓе ја зголемува среќата, тогаш зошто кога сме во близина со некој во автобус, чекална или во лифт обично се игнорираме едни со други? Најверојатно се штитиме од ризикот комуникацијата да не испадне како што треба, но така истовремено однапред се лишуваме и од шансата таа да биде пријатна или барем неутрална, таква што ќе ни овозможи барем кратко чувство на поврзаност со друг човек. Ретко кој сака да се чувствува невидлив кога ќе помине покрај други луѓе, па дури и обичниот визуелен контакт нуди можност за комуникација.
Знаеме дека е тешко, но ништо не кошта да се проба - да се стави мобилниот в џеб, и да се направи муабет со пазарџијата, човекот што го шета кучето пред зграда, пензионерот до нас во автобус. Има само еден начин плаштот на недоверба и лошотилук кој лебди над нас барем за момент да се тргне, ама за тоа треба малку напор, барем за едно „нè утепа жешково“.