По објавувањето на неговата до сега најзначајна книга, „Грешката на Декарт“ од 1994, идејата на Дамасио - дека мозокот не нè дефинира како суштества - е потиснатa од истражувања кои го тврдат спротивното. На жалење на овој автор, гледиштето според кое човечкиот мозок е компјутер, команден центар на телото, во последно време е уште понагласенo во популарната култура.
Можеби затоа во неговата нова книга, „Необичниот поредок на нештата“, овој професор по невронаука и директор на Институтот за мозок и креативност на Универзитетот на Јужна Калифорнија, ја поставува неговата до сега најхрабра теза - дека мозокот и умот влијаат на целото тело во иста мерка колку што телото може да повлијае на мозокот и умот, односно дека ова се само два аспекти на едно и исто нешто.
Роден 1944 во Лисабон, тој, заедно со неговата сопруга, неврологот Хана Дамасио, има создадено една од најголемите датабази на мозочни повреди, која се состои од стотици студии на мозочни лезии и дијагностички слики. Сите тие придонесуваат кон разбирањето на тоа како се појавуваат чувства и како тие можат да повлијаат врз менталните болести. Во новата книга го продолжува својот истражувачки интерес на оваа тема, и се обидува да покаже дека биолошката еволуција на чувствата го имаат потпомогнато нашиот напредок како суштества, а се истовремено „одговорни“ и за создавањето и развојот на науката, религијата и уметноста.
Во интервју за Наутилус Дамасио ги објаснува основните механизми според кои функционираат сложените нервни системи, како човечкиот, кои овозможуваат „мапирање“ на внатрешниот и надворешниот свет. Токму тоа „мапирање“ кон внатре е она што го подразбираме под имање чувства. Машинеријата на животот се наоѓа или во состојба на разумна ефикасност или во состојба на неефикасност. Организми како нашите можат да ги замислат ваквите состојби, а кога почнува замислувањето, тогаш зборуваме и за постоење на ум. Тој, врз основа на замисленото, може да реагира на упатен начин на она што му претставува закана (на пример кога ќе почувствува први болки, ако замисли дека она што следи ќе биде полошо). Така се одбегнува или се намалува страдањето, а во крајна линија се одбегнува смртта.
Така, чувствата еволутивно триумфирале бидејќи им биле од помош на организмите кои први ги имале. Притоа, нервните системи им служат на организмите, а не обратно - немаме мозоци за да ја контролираме целата операција, туку мозоците се слуги на живите организми. Тие опстанале затоа што обезбедиле нешто полезно: координација. Кога треба да се воспостави содејство помеѓу голем број различни делови од организмот (ендокриниот, имунитетниот, циркулацијата и централниот метаболизам), за таа операција е потребен некаков механизам кој ќе ја координира целата акција. Токму тоа го постигнува нервниот систем: прави работата да тече непречено.
Но во текот на милиони години нашите нервни системи развиле и други својства кои не се нужно поврзани само со координација на внатрешноста на организмот, туку и со координација на внатрешниот свет во однос со надворешниот. Тоа е она со што се занимава кората на големиот мозок, која ни овозможува набљудување, меморирање, расудување, манипулирање со знаења и „превод“ на сето ова во јазик. Комбинирано со сето претходно, ова го потпомага одржувањето на животот. Доколку не било така, ние би биле шкартирани од еволуцијата.
Тука се надворзува прашањето - дали ова значи дека и љубовта има еволутивна функција? Во интервјуто Дамасио на ова одговара: „Да, љубовта служи да заштити, да поттикне растеж, да дава и да добива задоволство, да прокреира, да теши. Како што гледате, служи за бесконечно многу работи.“