Животот на Азнавур бил далеку од „лајт“: го напуштил училиштето кога имал девет години и започнал актерска кариера. Се појавил во филмови на Франсоа Трифо, Колд Шаброл, како и во со Оскар наградената адаптација на „Лимениот барабан“ на Гинтер Грас од 1979.
Неговата пејачка кариера започнала во окупираниот Париз во текот на Втората светска војна, додека неговите родители тајно работеле за движењето на отпорот, меѓу другото криејќи Евреи и комунисти во нивниот стан. Но вистински успех доживеал кога Едит Пјаф, во еден период негова цимерка, го поканила да пее на нејзин концерт во Мулен Руж. Го советувала да направи пластична операција на носот, и кога овој го сторил тоа му рекла - „Подобар беше претходно“.
Во англиското говорно подрачје главно е познат по соработките со Елтон Џон, Стинг, Брајан Фери, како и обработката на „Таа“ на Елвис Костело за филмот „Нотинг Хил“. Боб Дилан му беше голем фан, велејќи дека шоуто на Азнавур од 1963 во Карнеги хол бил најдобриот концерт на кој некогаш присуствувал. Неговите настапи се опишани како „болен процес“, во кој човек од метар и педесет и нешто се обидува да ја хипнотизира публиката со мантрични љубовни жалопојки.
Но тие „жалопојки“ често содржеле контроверзни стихови - остра критика упатени кон лажниот морал и социјалните неправди. Песната „По љубовта“ била забранета на француското радио поради сексуална експлицитност, „Среќен роденден“ од 1963 е песна за упропастен роденден и опасно променливи расположенија. Во 1972 ја испеа Comme Ils Disent (Како што велат), сочувствителен портрет на трансвестит во време кога француската музика дискретно ја одбегнувала темата на хомосексуалноста (Никој не смее да биде/судија на она што е исправно за мене). Во 1987 во Je Bois (Пијам) пееше за средовечен алкохоличар со проблеми со простатата.
„Тоа ми е ко некоја болест, да зборувам за нешта за кои не треба да зборувам“, изјави пред неколку години. Неговата смрт означува заминување на последниот џин на француската песна, но и еден од најголемите светски гласови.
Антологиската шансона La Mer - на 89 години на француската телевизија Азнавур ја тера публиката да пее караоке.*
* Во меѓувреме, како што обично бива со мртвите и славни, видеото од јутјуб не може (веќе) да се вметнува во статии. Ама еве го тука
Претходно - Азнавур: „Не пеам за пари“ (пренесено интервју)