Интервјуто со него во Хафингтон пост почнува отприлика вака: „Галскиот шансоњер зборува англиски со шармантна, извитоперена синтакса и акцент кој, ќе се осудиме да кажеме, звучи исто како оној на творот Пепе од цртаниот. Но стариот се уште зрачи со париски шарм." Дур го читавме интервјуто пред очи ни излезе точно ваков, енергичен и мудар чичко-боем, кој се уште може да освои која и да е жена со неговата „Таа".
На 87 се уште одите на турнеи. Кога ќе се пензионирате?
Не ги разбирам тие што сакаат да дознаат ова или она. Имам сила да живеам повеќе од другите. Ќе запознаеш некој и тој вели „Јас имам 50 години", правејќи го ова (Азнавур се струполува во неговата столица). Јас одбивам! Еден ден ќе биде невозможно, но сигурен сум дека можам да направам нешто со..(имитира бастун).
Му реков на менаџерот „Немам што да правам во октомври, најди ми нешто". Така, ќе одиме во Швајцарија, ќе правиме концерти и ќе собираме пари за Ерменија. Така ќе имам задоволство и да работам, и да правам нешто добро.
Која е вашата тајна?
Уморен сум само наутро. Поголемиот дел од времето пливам. Многу лош пливач сум. Минувам 340 метри секое утро. Имам машина за 'рбетот, никој не знае што прави таа, но ја имам. Не јадам три пати дневно, јадам два оброка. Многу лесна храна. Читам дека јадеме премногу. Мораме да се отарасиме од еден оброк. Бев внимателен моите деца да не се здебелат. Тоа е многу важно. Несреќа е да живееш таков живот.
Едит Пјаф ве откри.
Не, Едит Пјаф ме сретна еден ден на една радио емисија, и рече дека добро пишувам. Вечерта бев кај неа дома. Осум години бевме многу блиски пријатели, до нејзината смрт.
Какви се вашите спомени за неа?
Имам премногу спомени. Би можело да ги собере во книга. Таа не е е она што го видов во филмот. Никогаш не сум ја видел да...(имитира вшприцување), никогаш. Никогаш ја немав видено лута. Таа беше голема личност. Со голем смисол за хумор, а во филмот воопшто го нема тоа. Но сигурно и Фани Брис не била „Хелоу Доли".
Толку многу пејачи ги имаат обработено вашите песни. Имате ли некои фаворити?
Нема да ви кажам кои, но ќе ви кажам какви ми се допаѓаат. Ги сакам оние кои ја слушаат или гледаат песната на поинаков начин. Оние кои пеат како мене - па јас сум уште тука, тоа не ми треба. Убаво е да имаш некој кој ќе испее на сосема поинаков начин. Тука е Стинг, Бoб Дилан. Кога пеат со мои оркестрации, тоа не е интересно. Сакам да бидам изненаден.
Франција има неверојатна традиција на пејачи и композитори која изгледа дека не постои никаде во светот. Зошто е тоа така?
Имаме најдобри композитори на светот. Зборувам за оние кои истовремено и ги интерпретираат сопствените песни. Жак Брел, Шарл Трене, Серж Гензбур, Лео Фере. Имаме многу, многу. Нивното пишување е поетско и исклучително. Тоа е затоа што не сме работеле за пари. Сме создавале заради јазикот. Го сакаме јазикот.