Од неодамна американското онлајн списание Слејт, можеби мотивирано од краткото време на задржување на неговите статии, или сметајќи дека со тоа додава некаква корисничка вредност на сајтот, почна веднаш до насловите на текстовите да го наведува времето потребно тие да се прочитаат.
Ова од аспект на маркетинг можеби е добро - ако треба да си одите од работа за 10 минути и не знаете како да ги потрошите, некој текст чие читање трае точно толку таман ќе ви легне. Под услов да читате просечно брзо, во случајов на англиски.
Но брзите читатели можеби ќе бидат навредени („кому бе ти 10 минути?), а бавните засрамени од тоа колку го надминуваат проценетото време - реагираат некои критичари на потегот на Слејт. На оние пак кои дур читаат често стануваат до ВЦ, прават муабет на чет, или не дај боже внимателно го читаат текстот и притоа подзастануваат замаени од сопствените асоцијации или за да прогуглаат некој детал - информацијата за времетраењето им е џабе. Од друга страна, таа им е вишок и на сите оние кои ги читаат само насловите, и не ни се мачат да влезат во самата статија, а такви ги има многу.
Сепак, најголемата критика доаѓа од таборот на новинарите и писателите. „Секое лесно четиво е резултат на ѓаволски тешко пишување", вели Александар Абад-Сантос, во текст објавен во The Atlantic Wire. Депримирачки е за некој кој вложил часови и часови во пишување на некоја статија да ја види спакувана како „брза храна", нешто што се консумира за неколку минути. „Нечии четири минути се мои шест часа“ - реагираше на Твитер Дана Стивенс, филмска критичарка во самиот Слејт. Споредбата од која ѝ се крева косата на секоја добра домаќинка, а која може да се примени тука е следнава: тоа е како кога јадење кое сте го подготвувале со саати е голтнато речиси без џвакање од страна на домашните, а вие сте оставени со куп немиени садови, па дури и без „фала".
Тогаш што всушност значи „2 минути" веднаш до насловот на некоја статија? Нам, искрено, ништо посебно, бидејќи исто како и кога пишува дека „за подготовка на овој рецепт се потребни 15 минути", ние од кујна не излегуваме по неколку саата.