„Нема да дозволиме легитимација на македонизмот во Европа“, изјави бугарскиот претседател Радев во мај оваа година по средбите со германскиот државен врв, сведувајќи го на -изам, односно на идеолошка доктрина, актуелното постоење на македонскиот народ и држава.
Ваквата употреба на терминот од бугарска страна секако не беше прв, но тајмингот и контекстот во којшто беше искажан беше индикативен. Затоа што нештата што завршуваат на -изам, со сиот свој комуникациски багаж, се разбирливи и за просечниот Европеец, кому на овој начин му се сугерира дека некаков зол „изам“ тропа на неговите порти и се заканува да биде легитимиран, небаре е тероризам или џихадизам.
И покрај извонредниот текст на Венко Андоновски објавен уште пред две години во кој тој апелира за внимателност при користење на терминот „македонизам“, наспроти „македонство“ и „македонољубие“, сè уште сведочиме непромислена и непродлабочена употреба на тоа со „-изам“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, уште од таа 2019-та упорно го користи во обид да го брендира како нова политичка платформа, но притоа во толку широк контекст што континуитетот со оригиналното значење се губи, па „македонизам“ станува синоним за агенда која би важела во сите области на општественото живеење. „Ќе успееме со македонизмот“, вели тој, така што ќе ја вратиме правната држава, каде што ќе нема привилегирана каста на луѓе и политичари, кадешто секој којшто се огрешил пред законите и се посрамотил пред граѓаните ќе одговара без политичка интервенција. Тоа е првиот чекор за да успее македонизмот“.
Во јануари пак оваа година излезе проглас на група македонски интелектуалци во кој, покрај легитимните поенти, се вели: „Македонизмот и Македонија не се ретроградни феномени. Напротив, македонизмот е еманципаторска и обединувачка идеја, а нејзината реализација е фактор на мир и стабилност во регионот и во Европа“.
Именките кои завршуваат на -изам означуваат специфична пракса, филозофија, систем на уверувања. Со оглед на ваквата „вградена“ идеолошка компонента, нивната употреба во комуникациска смисла претставува предизвик и можна стапица. Конотацијата не само што им зависи од контекстот и од намерата на оној којшто ги употребува, туку и од идеолошката позиција на слушателот, кому тие често му се фрлаат в лице како предизвик, па и како навреда. „Реализам наспроти фатализам“ звучи како повик за рационално расудување наспроти предавање во раце на судбината, но се коси со уверувањата на детерминистот и гледачите на кафе. „Сексизам“ некому му асоцира на дискриминација, на друг на неприфатлива агенда на феминизмот. „Хедонизмот“ му е забранет на верник во пост, но посакуван за турист со „ол-инклузив“ аранжман. „Титоизам“, „груевизам“, „заевизам“, „маоизам“ не зборуваат толку за идеологија туку за замислен или реален култ на личноста, кој е прогласен за -изам или по одредена историска дистанца, или актуелно, но од нивните опоненти.
И „македонизам“, како и повеќето други „-изми“, носи багаж на идеолошка борба, во политичка арена. Тривијален факт е дека при формирање на државност на секој народ постои и идеолошка компонента. Но таа секогаш се надоврзува на претходно постоечки лингвистички и етнолошки супстрат. На кој аспект мисли човек кој протестира за заштита на македонскиот идентитет денес, на некој апстрактен идеолошки „-изам“? Или на просторен и временски континуитет, олицетворен низ конкретни традиции, лични и семејни истории, спомени и чувство на припадност?
Употребата на „македонизам“ онаму каде што треба „македонство“, не само што ја осиромашува мислата во јавниот говор, туку е и исклучително ризична. Таа е подметнато лингвистичко лукавство на кое не смее да се наседнува, вирус за којшто треба да се стави маска и од кого треба да се одржува нужна дистанца. Наместо инаетливо да се повторува, треба да се наметне нов, врз којшто ќе се стави рака и ќе се инсистира на неговата свежина. „Македонство“ наместо македонизам, како сигнал за чувство на припадност коешто е заокружено, достоинствено и стамено, пожртвувано како мајчин-ство, колективно богат-ство, брат-ство и сестрин-ство. Маcedonianhood, наместо уште еден минлив идеолошки 'ism'.
Илина, Букбокс