Кога данскиот Крал Фредерик Петти добил пакет од извесна мадмазел Мари-Маргерит Биерон, бил воодушевен од неговата содржина. Внатре имало уметнички обработени, но анатомски прецизни восочни модели на бубрег, црн дроб, око, уво, мочни бабулиња, пресек на срце и „внимателно обработен“ пенис. Тој не само што се заблагодарил на подарокот туку испратил и финансиска поддршка.
Неколку години претходно, по демонстрацијата која таа ја одржала пред членовите на Академијата на науките во Париз, медиумите ја нарекле нејзината работа „анатомско чудо“. Пофалби за неа се ширеле низ цела Европа, особено во круговите на интелектуална елита - на моделите им се восхитувале учениците на Карл Лине и филозофи од калибарот на Дени Дидро.
Анатомијата во 18 век доживувала процут, со развојот на знаењата за структурата и функциите на телото и неговите органи. Почнуваат да се напуштаат теориите за телесните течности, флегматичните или колеричните конституции, а сè повеќе се проучуваат поединечните органи. Се зголемува употребата на болниците, а посмртните дисекции се дел од наставната практика. И тоа не само за студентите по медицина - часови по анатомија се сметале за важни за сите образувани поединци.
И покрај не малиот број тела за дисекција - што донирани, што ископани од гробиштата на сиромасите - телата, во добата пред пронаѓањето на фрижидерите и на ефикасни конзерванси, бргу скапувале а мирисот бил неподнослив, особено во топлите и влажни месеци од мај до септември. На нив се жалел дури и големиот Русо опишувајќи ги анатомските амфитеатри како „места каде Жан-Жак (тој лично) не би очекувал забава“.
Биерон нашла начин како ова да се одбегне, конструирајќи ги своите сосема прецизни анатомски модели од восок. Секако, за да ги моделира таа самата дисецирала реални трупови, детално проучувајќи ги формите на поединечните органи.
Најмлада ќерка на добростоечки фармацевт, Мари-Маргерит го загубила татка си кога имала 4 години. Сестра ѝ се закалуѓерила, постариот брат станал фармацевт наследувајќи го таткото, а друг брат станал воен хирург. Жените тогаш не можеле да се надеваат на медицински професии, па таа почнала најпрвин да учи да слика, но од надарена ботаничарка осумнаесет години постара од неа по име Мадмазел Басепор, која правела ботанички илустрации за тогашните изданија од оваа област. Забележувајќи ја дарбата на Бихерон за скулптура, таа ја поттикнала да се развива во оваа област. Со оглед на тоа што обете останале немажени, и земајќи ја предвид нивната нераздвојност, можно е да биле и партнерки.
Моделите на Бихерон можеби биле естетски, чисти и без мирис, но за да дојде до нив таа минувала часови и часови сечејќи месо, режејќи коски и обвиткувајќи ги телата во платна натопени во оцет за да не дехидрираат. Некои од нив биле тазе егзекутирани криминалци или свежо починати поединци, но поголемиот број биле веќе деформирани од долгите болести и страдања. Набрзина правела калапи од органите, подоцна ги излевала во гипс па од нив изработувала восочни копии.
Нејзиното студио станало свратилиште на љубопитните, кои можеле да гледаат но не и да допираат. На 13 мај 1761 таа отворила и медицински музеј, со модели кои можеле да ги видат сите, секој ден од 11-1 и од 4-6 освен недели и празници. Не е наведена точна цена на билетот, но се знае дека таа нудела и предавања за групи, веројатно очекувајќи извесна донација. Нејзината приказна е една од неколкуте содржани во нова книга на Нина Ратнер, „Француските сестри на Минерва: жени во науката на Франција од просветителството“.