Во период на заклучување оценки, да видиме каков школски успех имал Ајнштајн

Малиот Алберт немал симпатии кон училиштето. Мразел учење напамет и бил „алергичен“ на авторитарни професори. Неговото чувство на интелектуална супериорност често предизвикувало конфликт со наставниците. Па, сепак...

Има анегдота од деновите на Ајнштајн во гимназијата Луитполд во Минхен (денес позната како гимназија Алберт Ајнштајн), која го доловува односот помеѓу него и професорите. Еден од нив му рекол дека ќе бил многу посреќен ако Алберт не бил дел од неговиот клас. Кога овој прашал што згрешил, наставникот одговорил: „Ништо посебно. Но седиш на последната клупа и се смешкаш — а тоа го нарушува чувството на почит што наставникот треба да го добие од учениците.“

Истиот наставник подоцна изјавил дека неговиот ученик „нема да постигне ништо во животот“.

Најголем проблем за Ајнштајн била дисциплината во училиштето. Неговата сестра Маја пишува дека Алберт бил длабоко вознемирен од тоа што училиштето функционирало како подготовка за воена служба. Ова било поврзано и со неговата одбивност кон физичкото образование, за кое вообичаено имал ниски оценки. 

На 16 години, неговите родители се преселиле во Италија поради нов бизнис, но му кажале на Алберт да остане и да ја заврши гимназијата. Тој, решен да не остане во Германија, успеал да добие лекарска дозвола за откажување од училиште поради „ментален замор“ и без диплома, заминал во Италија. Според германскиот закон, ниту еден маж не смеел да емигрира по навршена 16-та година без да се соочи со обврска за воена служба. Така што Ајнштајн побегнал буквално во последен момент.

Во 1944, кога спомнатата гимназија била уништена во сојузнички бомбардирања, исчезнале сите службени евиденции за учениците, вклучително и за него. Но во 1929, еден директор сепак ги проверил неговите стари оцени по повод новински напис во кој се тврдело дека бил лош ученик. Оцените покажале дека во предмети како математика, латински и грчки, Ајнштајн редовно добивал оценки 1 и 2 (при што 1 била најдобра оценка).

Иако без диплома, семејниот пријател му помогнал да се пријави на приемен испит во Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих. Ајнштајн имал само 16 години, но во физика и математика постигнувал извонреден успех. Другите предмети му биле слаби, па му било предложено да ја заврши подготвителната гимназија во градот Аарау. Таму за првпат почувствувал како изгледа слободна и либерална настава. Подоцна ќе рече: „По шест години германска авторитарна гимназија, во Аарау сфатив колку е посупериорно образованието засновано на лична одговорност и слободно размислување.“

Оценките таму му биле просечни на почетокот: германски 2–3, француски 3–4, историја 1–2, математика 1, физика 1–2. Директорот на училиштето не бил задоволен што толку бистар млад човек добивал просечни оценки. Но таткото на Ајнштајн му одговорил дека е навикнат да гледа и неколку „не толку добри“ оценки покрај одличните.

Иако подоцна бил примен на спомнатиот Институт, конфликтот со професорот Хајнрих Вебер, тогашен раководител, во голема мерка влијаел на понатамошната приказна. Вебер го сметал Ајнштајн за арогантен. Ајнштајн, пак, не можел да поднесе што Вебер одбивал да предава за тогаш актуелната електромагнетна теорија на Максвел. Почнал да прескокнува предавања и да студира сам, дома или по кафеани. Подоцна ќе признае дека погрешил што не вложил повеќе во математиката, бидејќи токму таму лежеле длабоките основи на модерната физика. За среќа, неговиот колега од студиите, Марсел Гросман, му ги давал своите белешки од предавањата.

Кога дипломирал, конфликтот со Вебер му го уништил шансите за академска кариера. Повторно, Гросман му помогнал – со посредство на својот татко му нашол работа во патентното биро во Берн. Таму, далеку од универзитетските клупи, Ајнштајн ќе ги напише трудовите што засекогаш ќе ја променат науката.

Види претходно: Букбокс репортажа од лице место - на гости кај Ајнштајн во Берн

3 јуни 2025 - 11:24