Во 58-мата година пред нашата ера Цицерон се нашол во небрано. Еден негов долгогодишен непријател само што бил избран на моќна позиција и потегнал процедура за утврдување на одговорност за контроверзна одлука која Цицерон ја направил пет години претходно како конзул, кога наредил егзекуција на учесници во заговор против него, без судење.
Сојузниците на Цицерон, исто така сенатори, реагирале на ова со mutatio vestis, буквално „промена на облеката“, практика која се состоела од менување на регуларната тога со валкани, ветви алишта поврзувани со тажење и траорност. Таа била користена од страна на обвинети во судски случаи за да поттикнат сочувство, тактика која била исто така присутна во политичката сфера за да означи очај или тага од состојбата во којашто се наоѓала земјата.
Во овој случај јавното мислење сепак не испаднало на страна на Цицерон, па тој немал друг избор освен да го напушти главниот град. „Слепи, слепи бевме“, му напишал тој на својот пријател Атикус додека бил во егзил, „што ја сменивме облеката, што ги преколнувавме луѓето“.
Цицерон сепак не бил ни првиот ни последниот римски сенатор кој се обидел да ја манипулира јавноста со тоа што врз себе ќе облече траорна облека. Ваквата тенденција била особено присутна во бурните средни години од првиот век п.н.е., период по ерупцијата на граѓанските војни кои ќе резултираат со диктаторството на Јулие Цезар и падот на Римската република како форма на владеење.
Во политички контекст, mutatio vestis претставувал „визуелен спектакл на обединетиот Сенат“. Сепак, доколку имало макар еден или двајца сенатори во нормална облека, тоа го уништувало ефектот. Ова е веројатно една од причините зошто бунтот на Цицерон не успеал: некои од неговите истакнати колеги одбиле да учествуваат, со што ја скршиле илузијата на цврст сојуз во негова одбрана.
Девет години подоцна се случила уште подраматична употреба на mutatio vestis, кога Сенатот изгласал на Цезар да му бидат одземени личните армии кои тој ги насобрал во Галија. Неговите сојузници, Антониј и Касиј го искористиле своето право на вето. Но Сенатот протестирал со тоа што изгласал да изврши mutatio vestis, обид за сигнализирање кон населението дека доколку моќта на Цезар се остави без контрола тоа би претставувало опасност за Републиката. Цезар збеснал кога слушнал дека протестот ќе се одвива и покрај ветото. Ги повел своите војници преку Рубикон навлегувајќи во Италија и на тој начин де факто објавувајќи граѓанска војна.
извор