„Вистински детектив: ноќна земја“ е лоцирана во град во Аљаска каде 30 денови во годината е целосен мрак. Името на градот е Енис, но иако тој е измислен, навистина има места близу Арктичкиот круг каде жителите не го гледаат сонцето со недели. Ова е веројатно најплодната почва за токму тука да се сместат тензични приказни и хорори.
Џоди Фостер ја игра полициската шефица Лиз Данверс, а нејзина најблиска соработничка, со која додуша имаат историја на конфликти, е нејзината колешка Еванџелин Наваро. Тие истражуваат исчезнување на осуммина мажи од арктичката истражувачка станица Цалал. Самото име е книжевна референца, од „Повеста на Артур Гордон Пим од Нантакет“, единствениот комплетиран роман на Едгар Алан По. Именуваниот лик се наоѓа некаде близу до Јужниот пол, на остров наречен Цалал, каде домородците, иако најпрвин се пријателски настроени, почнуваат да стануваат агресивни. Книгата е напишана како дневник на Пим, а завршува со постскрипт во кој детално се опишува неговата смрт. Островот повторно се појавува, 60 години подоцна, во „Арктичката мистерија“, роман напишан од Жил Верн, како еден вид продолжение на делото на По, на кое Верн му се восхитувал.
Но зад оваа сезона не стојат само фиктивни референци. Помеѓу реалните е онаа за Мери Селест, една од најголемите поморски мистерии на светот. Брод со ова име испловил од Њујорк за Џенова, Италија, на 7 ноември 1872. Капетан бил Бенџамин Бригс со посада од осум души. Со него капетанот ја повел и својата жена Сара и двегодишната ќерка Софија (7-годишниот син Артур останал дома). Помалку од еден месец подоцна, на 5 декември, англиски брод, Деи Грација, го видел Мери Селест во полна морнаричка спрема близу Азорските острови. Посадата на Деи Грација испратила делегација која откако се качила на бродот наишла на 1700 неотворени бочви сиров алкохол, а имало и храна и вода за уште шест месеци. Чамецот за спасување го немало. А на бродот немало жива душа.
Овој настан кој до денес не е целосно расветлен претставувал инспирација за голем број автори, меѓу кои и Артур Конан Дојл. Во списанието „Корнхил“ тој објавил расказ во кој поранешен роб го презел бродот и ја убил посадата. Приказната станала толку популарна што Дојл, во тоа време лекар, се откажал од својата медицинска практика и целосно му се посветил на пишувањето. Три години подоцна излегла првата приказна за Шерлок Холмс.
Првава мистерија е асоцијација на она што се случува во „Вистински детектив“ во смисла на исчезнувањето на цела „посада“ на истражувачката станица. Но има уште една, уште поблиска до наративот на серијата. Тоа инцидентот кај Дјатловиот премин (Dyatlov Pass), кој го добил своето име од Игор Дјатлов, студент на Политехничкиот институт Урал, кој планирал тура преку планините на почетокот на 1959. На 2 февруари тој и уште осуммина други - сите искусни скијачи и кампери - се упатиле кон Урал. Десет денови подоцна, очекуваната телеграма од нив не пристигнала; една недела потоа професори и колеги-студенти од Универзитетот како и војска се упатила да ги бара. На 25 февруари е пронајден празен шатор на нешто што домородното население го нарекува „Планина на смртта“. Исто како и празниот брод Мери Селест, шаторот е најден со сите неопходни продукти во него, но пресечен од внатре, како некој да се борел да излезе.
Следниот ден се пронајдени телата на двајца членови на групата, веднаш до оган во блиската шума - носеле само долна облека. Подоцна се откриени уште две тела, вклучително и она на Дјатлов. Тие се обидувале да се вратат кон шаторот. Петто тело е најдено неколку денови подоцна, а останатите четири дури на пролет.
Сите тела како да доживеале сериозна траума, имале гребаници, скршени коски и барем во еден случај крварење од срцето. Лекар ги споредил овие повреди со оние на луѓе кои доживеале сообраќајки со голема брзина. Почнале да се шират теории, а обвинителот Лев Иванов сугерирал дека станува збор за - вонземјани. Ова е точно во текот на Студената војна, па некои од теориите биле дека планинарите наишле на некој вид тест за оружје и биле убиени или од него или од луѓето што сакале ова да остане тајна. Убиецот во една верзија пак бил Јети.
И во впечатлива сцена на „Вистински детектив“, која е предмет на анализа од дизајнерско-уметнички аспект, истражувачите се пронајдени замрзнати, целосно голи и со изрази на лицата кои укажуваат на средба со нешто ужасно. Што е тоа, останува да видиме до крајот на сезоната (епизодите се пуштаат со „иле“ - не одеднаш туку малку по малку).