Биографијата на Википедија за Хантер Доерти „Печ" Адамс вели дека тој е „лекар, комичар, активист, кловн и писател". Необична комбинација, која сигнализира дека тука се крие интересна животна приказна.
Адамс, исто како и главниот лик во филмот за којшто послужил како инспирација, во еден период од животот бил многу несреќен и три пати хоспитализиран заради самоубиствени обиди. Но сведочејќи го одвнатре здравствениот систем кој пациентите ги третира како „случаи", а не како личности, решава да се посвети на помагањето на оние на кои како и нему им треба помош.
Иако е над типичната возраст за студирање, тој се запишува на медицински факултет и, и покрај честите несогласувања со ригидниот наставен кадар, успева да го заврши со високи оценки. Но наместо потоа да влезе во здравствениот систем, тој прави паралелен - отвара болница под името „Гезундхајт!" (на германски и „здравје", и „на здравје" по кивање) и во следните 12 години во неа ги лечи оние кои немаат здравствено осигурување или се на некој друг начин исфрлени од системот. Во текот на студирањето се запознава со неговата сопруга, со која имаат два сина со откачени имиња - Атомик Загнут Адамс и Ларс Зиг Едвикст Адамс.
Идеологијата на Адамс е формирање еко-заедници во кои ќе се пружа бесплатна класична но и алтернативна медицинска грижа, а главна улога во целиот процес треба да има смеењето и хуморот. Како што објаснува во неговата книга „Гезундхајт!: добро здравје за вас, за здравствениот систем и за општеството", физичкото и емоционалното здравје не зависи само од точното дијагностицирање и бројот на испиени лекарства, туку и од подобрување на генералната состојба на духот. Или како што вели Робин Вилијамс во филмот: Не е работата да се одложи умирањето, туку да се подобри квалитетот на животот.
Печ најпрвин не бил задоволен од филмот за него, затоа што го претставувал повеќе како забавувач, а помалку како реформатор/револуционер чија цел е да го смени светот. Но тој сепак се приврзал за Робин, за кого по неговата смрт напишал:
„Спротивно на она како го гледаа повеќето луѓе, мене тој ми изгледаше интровертен. Кога ме покани дома кај него со семејството, сфатив дека сака мир и тишина, шанса да дише, да избега од славата која му ја донел талентот. Овој свет не е нежен со луѓето кои стануваат познати, а славата која тој ја доби за него беше кошмар. Бескрајно сум благодарен за неговата прекрасна изведба на мојот ран живот."