Во колумна во новиот број на Њујоркер, Салман Ружди зборува за тоа дека вистината отсекогаш била спорна идеја. Но истовремено, вистина е и дека во некои други историски околности постоел пошироко распростратен консензус за природата на реалноста отколку денес. На пример на запад во 19 век, големите писатели на тоа време можеле да претпостават дека тие, и нивните читатели, се согласувале околу ова прашање, и златното доба на реалистичките романи се темели на оваа основа. Но тој консензус бил заснован на бројни исклучоци. Се однесувал на белците од белата класа. Гледишта многу различни од буржоаската реалност опишана во, да речеме, „Мадам Бовари“ или „Доба на невиност“ биле главно избришани од наративите. Значењето на големите јавни прашања исто така често биле маргинализирани. Во целото дело на Дикенс, на пример, постоењето на британската империја едвај се насетува.
Во дваесетиот век, пд притисок на огромни социјални промени, консензусот од 19-тиот се покажал како кршлив - неговиот поглед на реалноста почнал да делува лажно. Постепено реалистичкиот роман загубил од релевантноста, и писатели како Кафка или Маркес почнале да создаваат понеобични, надреални текстови, кажувајќи ја вистината преку средства на очигледни невистини, создавајќи нов вид реалност, слична на магија.
Но денес распадот на старите сфаќања за реалноста е најзначајната реалност, полна некомпатибилни и спротивставени наративи. Ваквата ситуација има длабоки последици по литературата и ние не можеме да се преправаме дека тоа не е така. Но притоа се јавува проблем: како можеме да велиме, од една страна, дека модерната реалност станала нужно мултидимензионална, фрагментирана, а од друга страна дека реалноста е едно специфично нешто, несомнена серија на работи кои се такви какви што се, и која треба да се брани од напади од нешта кои не се такви какви што изгледаат дека се? Како да се бориме против најлошите аспекти на интернет, оној паралелен универзум во кого коегзистираат значајни информации и тотално ѓубре, со исто ниво на авторитет, заради што тешко се одделуваат едни од други?
Немам целосен одговор. Но мислам дека мораме да признаеме дека идејата за вистината на кое и да е општество е секогаш производ на расправа, и треба да станеме подобри во победувањето во таа расправа. Демократијата не е учтива. Често е како натпревар во дерење на плоштад. Мораме прво да бидеме вклучени во расправата ако воопшто сакаме да ја добиеме. А што се однесува до писателите, мораме повторно да го вратиме верувањето на нашите читатели во аргументот на фактичкиот доказ и во она што фикцијата отсекогаш била добра - градењето на разбирање помеѓу писателот и читателот за тоа што е реално. Притоа не мислам на реконструирање на тесниот екслузивен консензус на 19 век. Во ова време на радикално несогласување, можеме да направиме луѓето да се согласат во врска со вистините врз основа на големата константа, а тоа е човечката природа. Да почнеме од тука.
Во Германија, по Втората светска војна, авторите на она што се нарекувало Трумерлитератур, или „литература од урнатините“, почувствувале потреба повторно да го изградат својот јазик, затруен од нацизмот. Тие сфатиле дека реалноста, вистината, мора да биде реконструирана од долу нагоре, со нов јазик, исто како што треба да бидат повторно изградени цели градови. Можеме да научиме нешто од овој пример. Повторно сме, додуша од различни причини, среде урнатини на вистинта. И на нас е - на писателите, мислителите, новинарите, филозофите - да го преземеме ризикот за повторна изградб на верувањето на читателите во реалноста, во нивната верба во вистината. И да го сториме тоа со нов јазик, граден од почвата нагоре.
Извор: Њујоркер