Викторијанската мода на накит од живи инсекти

Некои откачени модни трендови одамна поминале, а не сме ни биле свесни за нив. Во англискиот 19 век владеела вистинска орнитолошка и ентомолошка треска - носење накит од птици, живи инсекти или од низа нивни мртви трупови.

Модата на додавање инсекти во везовите кои ги краселе фустаните од муслин, шнолите во кадриците и раскошните ѓердани, карактеристична за англискиот 19 век, била резултат на тогашната опсесија на Викторијанците со природонаучната историја. Како што бројот на урбано население се зголемувал, така се создавал јаз помеѓу новата, модерна култура и природата. Свесни за ова, побогатите се обидувале да ја реконструираат дивината во своите домови: култуивирајќи папрат во стаклени градини, одгледувајќи жаби во вивариуми и украсувајќи си ги шапките со мов и птичји гнезда. Препарирањето животни било сметано за врвно домашно хоби - викторијанските дами учеле како да ги празнат утробите на мртвите животни, да им ги потопуваат телата во арсен и да ги местат така за да изгледаат како живи. 

Но истите тие дами масовно се украсувале и со брошеви направени од глави на колибри, обетки од висечки инсекти или користејќи посребрени канџи од бувови за закопчување на наметките. 

Сатиричното списание „Панч“ ги карикатурирало модерните дами како инсектоидни монструми, мутирајќи ги во оси или бубачки за да одговараат на модата која ја промовирале. Но зад трендот имало и поширока, политичка позадина. Животинскиот накит навистина ги поврзувал Викторијанците со природниот свет, но и со далечните области на Британската империја. Како и шеќерот, слоновата коска и чоколадото, светлечките инсекти асоцирале на богатствата на царството. Побарувачката по нив набргу ги довел најубавите видови до работ на исчезнувањето, а пак целиот производен процес почивал на робови-работници.

Една Англичанка која го посетила Бразил со воодушевување забележала дека воздухот бил полн со летечки суштества кои претходно ги имала видено само на обетки и брошеви, како летечки дамски шифоњер. Колку добра илустрација на колонијалниот светоглед - жив екосистем кој не е ништо друго туку сјајна кутија за накит, која чека да биде ограбена.

извор

26 јануари 2023 - 15:16