Вештата шпионка која го спречила Хитлер да го испразни Лувр

На прв поглед, со фустанчето со штиркана јака, уредната фризура и наочарите, така сместена среде сликите, изгледа како типичен „н'рд“ - историчар на уметност. Но Роза Антонија Марија Валан била многу повеќе од тоа - осамена шпионка која си го ризикувала животот од љубов кон уметноста.

Во 1940, музеите во Париз сосе нивните скапоцени уметнички зборки, како и приватните колекции, станале плен на нацистичка Германија, која вршела систематски ограбувања на истите, оркестрирани од самиот Хитлер. Во тоа време, Роза Валан работела како кураторка во Жу д Пом (Jeau de Paume), Музеј во Париз. Случајно, Хитлер го избрал точно овој музеј за седиште на неговата организација за собирање уметнички богатства, Einsatzstab Reichsleiter Rosenberg (Штабот на рајхслатерот Розенберг или ERR), чие име не ја откривало вистинската функција на местото, да служи како магацин за конфискуваните дела пред тие да бидат транспортирани во Германија.

Шeфот на Валан и директор на Националните музеи на Франција, Жак Жојар, сметал дека нејзиниот дискретен изглед од неа ќе направи совршен таен агент. Помогнало и тоа што го разбирала германскиот. Откако ја добила ваквата задача, таа водела детални списоци за над 20.000 уметнички дела, накит, сребрен прибор и други вредни нешта кои биле складирани во спомнатиот музеј (поранешен тениски терен за кралскиот двор). 

Како што ограбувањето се засилувало, така некои од делата биле директно носени на железничките станици. Таа суптилно се распрашувала кај возачите на камионите за тоа каде ги носат предметите а потоа ги пренесувала информациите на директорот. Во текот на војната водела сметка за логистиката на влезните и излезните дела, запишувајќи каде и кај кого се транспортирани во Германија. Наводно таа лично го посведочила доаѓањето во музејот на Геринг, кој самиот си одбрал слики за приватната колекција, нешто што се случило на 3 мај 1941. 

Екстремно важна разузнавачка информација пристигнала на 1 август 1944 (неполн месец пред ослободувањето на Париз): главниот на ЕРР во Франција, Хајнрих Барон фон Бер, организирал огромен егзодус на дела, вклучително и на модерна уметност за која до тогаш нацистите не биле заинтересирани. Ужасната, Валан открила 148 сандаци полни со 967 слики, меѓу кои такви на Гоген, Пикасо, Тулуз-Лотрек, Дега и други. Тие биле качени на пет вагони на железничката во Обервил, Париз, а тие требало да се придружат на композиција од други 48 вагони со секакви приватни артефакти, подготвени да заминат за Германија. 

За среќа, поради доцнење, возот не заминал на време од станицата. Валан успеала да ги предаде информациите на директорот кој пак го пренел на француското движење на отпорот. За среќа, кога возот сепак требало да замине, на 10 август, француските железнички работници штрајкувале (или и ова било намерно организирано?). Неколку дена подоцна, кога возовите веќе функционирале, локомотивата застанала некаде по пат поради преоптоварените вагони. Ова овозможило на Втората вооружена дивизија на француската армија да го преземе возот. Тие вратиле 36 сандаци во Лувр, но биле потребни уште два месеца за сиот воз да биде испразнет, а предметите засолнети на сигурно. 

Роза добила чин капетан во француската армија, на нејзино барање, за да може да лоцира и да врати уште украдени дела. Работела во Германија осум години, а била и сведок на судењата во Нинберг во 1945. Во текот на нејзината кариера во Франција вратила скапоцени слики, таписерии, монети и скулптури - дури 60.000 парчиња. По војната живеела со партнерката Џојс Хелен Хир, Британка која била секретарка во амбасадата на САД во Париз. По смртта на Валан во нејзина чест е именуван плоштад во нејзиното место на раѓање, а поставена е и плакета во Жу д Пом во 2005.

Нејзината храброст инспирирала голем број книги и филмови, меѓу кои и The Monuments Men, во кој ја игра Кејт Бланшет. 

извор

29 март 2024 - 09:45