Финалето на Бетовеновата 9та симфонија, компонирана во 1823 врз стихови на Фридрих Шилер, во 1972 година, е официјално прогласена за химна на Советот на Европа, а од 1993 на Европската Унија. Нејзината цел не била да ги замени националните химни на земјите-членки, туку да ги промовира вредностите кои тие ги споделуваат: слобода, мир и солидарност.
Веројатно една од најславните композиции на сите времиња оттаму се зема здраво за готово како ода на хуманоста, братската љубов и демократијата. Но Жижек во ова седуминутно видео, извадок од филмот „Перверзен водич кон идеологијата", успева да покаже дека таа - како впрочем и секое уметничко дело - е „идеолошки контејнер", чија содржина историски била (зло)употребувана за пропагирање идеи кои се далеку од хумани и слободоумни.
(изведба на роденденот на Хитлер во 1942, на крајот на диригентот се поздравува со Гебелс)
Нацистите ја имаат користено за докажување на германската културна супериорност. Советите пак ја пееле како комунистичка песна. „Кренете се, гласови на Родезија", мелодијата на националната химна на тогаш непризнаената држава, подоцна преименувана во Зимбабве, користена во тек на екстремниот апартхејд во оваа земја помеѓу1974 и 1979, била идентична со Одата на радоста. На спротивниот, левичарски екстрем, Деветата симфонија му била омилена на Абимаел Гузман, лидерот на перуанското терористичко движење „Сјаен пат" од доцните 1970-ти.
Спротивставувајќи ги овие примери на оние херојските, како кога во 1989 кинеските студенти ја пуштаа Деветата на плоштадот Тјенанмен пред ударот на тенковите, кога беше свирена на концертот диригиран од Бернштајн при падот на Берлинскиот ѕид, или кога се изведува секој декември во Јапонија по цунамито од 2011, Жижек всушност заклучува - дека оваа величествена музика ни овозможува да замислиме „перверзна сцена на универзално братство", во кое светските диктатори, терористи и воени криминалци се гушкаат со оние со дијаметрално спротивставени вредности и ставови. И сите перверзно радосни.