Премногу почетоци и незадоволувачки средни фази, а крајот никаде го нема. Вака понекогаш изгледа наративот на нашите напори да ја усовршиме уметноста на завршувањето на нештата и конечно да ја искусиме сатисфакцијата на завршениот проект.
Рака на срце, ова бесконечно занимавање со едно и исто може да биде истовремено и фрустрирачко, но и удобно засолниште од реалноста на новото и непознатото. Кога е во тек, еден проект може да биде што и да е. Како мачката на Шредингер, тој може истовремено да биде и совршен и со многу маани до моментот додека не се заврши и не се пушти во јавност. Тогаш кога го прогласуваме за завршен, го отвараме за критика, како надворешна, така и внатрешна. Оттаму, стравот од негово комплетирање, комбиниран со возбудата од нови идеи поврзани со постоечката тема, создава идеална околина за одложување и влечкање.
Секогаш е полесно да се почне нешто ново, отколку да се истурка нешто до крај. Возбудливо е затоа што е полно со заслепувачки потенцијал. Тој проект може да излезе револуционерна идеја, следната мода, нашето животно дело. Но овој потенцијал често пати е повозбудлив отколку реалноста на финализираниот производ. Чувството дека тоа би можело да биде така - стравот од разочарување, како и отсуството на желба да се напушти познатата територија на тековниот проект, се дополнителни елементи во корист на незавршувањето.
Интересно е тоа што стравот од успех притоа може да биде исто толку голем колку и од оној од неуспех. Првото може да води до зголемени очекувања, поголема одговорност или промена на идентитет за што не сме подготвени. Така, незавршениот проект станува безбедно катче, кое нè штити од непознатите последици на успехот.
На блогот bytedrum.com, компјутерскиот инженер Томас Стропус од Литванија, низ интересни дијаграми со кои е лесно човек да се идентификува, ги прикажува трите фази на соочување со пречки при остварување на некоја задача. Првата е често лесна за надминување, бидејќи ентузијазмот е уште висок. Втората фаза е онаа во која заглавуваат повеќето негови проекти. После долг временски период евентуално доаѓа до третата фаза, кога последните 20% всушност траат најдолго.
Незавршените проекти носат ментално бреме, лебдат некаде во позадина, тивко цедејќи ни ја менталната енергија. Ги чувствуваме како промашени можности, порази на нашиот интелект и вештини, што прави да ни опаѓа самодовербата, па оттаму и спомнатите фази да се повторуваат, со уште поголема жестина. Чарето е да се разбере хипнотичката привлечност на бесконечните проекти и цената тие никогаш да не се завршат. Не станува збор за отфрлање на возбудата од нови почетоци, туку наоѓање баланс - канализирање на почетното „ура“ со еднакво важниот, практичен аспект на завршување на нештата. Препознавајќи ги шемите на нашето однесување, можеме да развиваме стратегии за да ги надминеме и конечно да ја сотреме ламјата.