Сите книги се посветени некому, во крајна линија на оние на којшто им се обраќаат, на читателите. Но има и поексплицитни посвети кои треба да се разгледуваат како интегрален дел на делото за коешто станува збор. Особено ако нивната порака е поврзана и со пораката на книгата.
Таква е посветата на почетокот на „Малиот принц", која за жал отсуствува од она издание на македонски коешто ми беше мене за лектира:
„На Леон Верт. Барам разбирање од децата коишто можеби ја читаат оваа книга што неа ја посветувам на возрасен. За тоа имам сериозна причина: тој ми е најдобриот пријател на целиот свет. Имам и друга причина: овој возрасен разбира сè, па дури и книги за деца. Имам и трета причина: тој живее во Франција каде е гладен и му студи. Му треба развеселување. Ако и овие причини не се доволни, ќе му ја посветам книгата на детето од коешто има израснато овој возрасен. Сите возрасни некогаш биле деца - иако малкумина од нив се сеќаваат на тоа. Така што, ја поправам мојата посвета: На Леон Верт, кога беше дете".
Понекогаш посветите служат за порамнување на сметките. Тобијас Волф во посветата на „Животот на ова момче", сурова приказна за растење со очув што го малтретирал, пишува:
„Мојот прв очув велеше дека она што не го знам може да наполни една цела книга. Па, еве ја."
Поетот Е. Е. Камингс во анти-посвета насловена како „Не фала на" ги спомнува сите кои претходно му го одбиле ракописот на „70 песни" кои морал на крај да ги објави сам,со 300 долари од мајка му. Имињата се аранжирани визуелно во форма на урна со пепел.
Во домашната библиотека ги пронајдовме следниве:
Џ. Т. Фрејсер ја започнува неговата „Време: познатиот туѓинец" со посвета на неговата сопруга којашто „секој ден одела на работа да подучува деца, за тој да може да седи дома и раат да пишува“. Истиот тој во „За времето, страста и знаењето" вели „За оние, кои во минливите моменти, посегнаа со мене, кон хоризонтот".
Често авторите кога пишуваат посвети користат цитати од класични дела, наведени без превод, повеќе како „намигнување" кон оној којшто ќе ја препознае референцата отколку кон генералната читачка публика. Таква е онаа на Вилијам Фелер во „Вовед во теоријата на веројатност и нејзините примени" од 1980 која вели: „На О.Е. Нојгебауер, o et praesidium et dulce decus meum", што е стих од Одите на Хорациј и гласи „О мој чувару, и моја слатка славо".
„Тажните тропи", ремек-делото на Клод Леви-Строс, пак почнува со: „На Лорен (неговиот син), Nec minus ergo ante haec quam tu cecidere, cadentque", цитат од De Rerum Natura на Лукрециј, или „Оттаму, на истиот начин како и ти бројни генерации пропаднале и ќе пропаѓаат“.
Но освен на прва тешко разбирливите латински посвети, има и такви кои носат тајни, пред сè љубовни пораки. Наградата за дипломатија во посветувањето ја понесува Елизабет Рис-Вилијамс, која најпрвин била мажена за Ричард Харис а потоа за Рекс Харисон. Таа ја посветила нејзината автобиографија на - „РХ". Во недипломатскиот оддел пак води романот „Мојот посран живот" на Френки Бојл (види најгоре).
Кому би му ја посветиле вашата книга?