„Стендалов синдром“ е појава на вртоглавица, паѓање во несвест, брзо срцево биење и халуцинации како резултат од гледање на нешто преубаво. Медицината не го признава како таков, но докторите, особено оние од градови со богати музеи и скапоцени уметнички дела се навикнати на вакви случаи.
Името го добил по францускиот писател од 19 век, авторот на „Црвено и црно“, кој опишал чувство на екстаза кога пред него се појавила божествената убавина на базиликата Санта Кроче во истиот италијански град. „Срцето ми прескокнуваше, животот како да излезе од мене, а јас чекорев плашејќи се дека ќе паднам“.
Италијанскиот психијатар Грациела Магерини, која работи во болницата Санта Марија Нуова во Фиренца, забележала 106 вакви случаи кои биле третирани како итни помеѓу 1977 и 1986. Голем број од овие пациенти биле собрани од галериите и музеите во градот заради тахикардии, лошење па дури и губење на идентитет.
Дел од ризичните фактори се стресот од патувањето, долгите редици за влез во музеите, како и структура на личноста која лесно се импресионира. Иако во град како Фиренца има и од што - нејзиниот историски центар е мала област преполна со скулптури, фонтани, фрески и цркви. Дури и спомнатата болница датира од 15 век, а во неа трупови дисецирал Леонардо да Винчи. За голем број љубители на уметноста да се видат овие дела во живо е како да си ги сретнал сите твои херои одеднаш. Па како тогаш да останеш на нозе?