Како чин на дигитална катарза, на Фестивалот на идеи кој се одржува до 1 ноември на Универзитетот Кембриџ, Фарид на панел-дискусија за дигитална приватност на присутните им поделил листови со сите негови електронски детали - кориснички имиња и лозинки за сите пет мејл адреси, Фејсбук, Линкедин, Амазон, Епл.
По првичниот шок, публиката посегнала по своите телефони за да ги проверат, но набргу и за да му ги променат личните податоци, а можеби да направат и нешто полошо. Од тој момент до април Фарид ќе се обиде да живее без дигитален идентитет - ќе користи само припејд телефони со слаба или без никаква интернет конекција, и ќе отвара посебни мејлови ако баш нешто мора да искомуницира на тој начин.
Овој проект е продолжение на неговиот претходен, наречен Податочна сенка (Data Shadow). Во основа се работи за голем контејнер кој стои во градината на Универзитетот Кембриџ. Кога ќе влезете во него се соочувате со неколку можни сценарија, во зависност од тоа кои делови од технологијата работат. Може телефонот веднаш да ви се приклучи на безжична мрежа, која е истовремено и ваш телефонски провајдер. Ви го презема името и неодамна посетените локации и ви ги проектира на ѕидот. Истовремено, два други проектора исцртуваат две ваши силуети на ѕидовите - едната е полна со текстуални пораки, друга со ваши фотографии, при што се бираат оние најбезобразните (ако ги има).
Потоа од вас се бара да се јавите некому. Тогаш друг телефон вон контејнерот почнува да ѕвони, па ако некој од минувачите одговори, тој може да се приклучи или да го прислушкува вашиот разговор. Кога конечно ќе излезете од контејнерот, сите ваши податоци се бришат од системот и ви пристигнува порака за тоа што се случило.
За новиот проект, иако детално размислил и се обидел да се осигура од она што публиката би можела да го направи со неговите социјални медиуми, тој сепак не може да претпостави како ќе реагираат неговите пријатели и семејството, чии писма и фотографии се на неговите кориснички профили. Една од нуспојавите на обидот за бришење на дигиталниот идентитет е што работодавците и граничните служби можат да станат уште посомничави ако не можат воопшто да ве најдат онлајн, отколку ако најдат нешто компромитирачко за вас. Ниту Џејмс Холмс (убиецот на 12 луѓе во кино сала во Колорадо), ниту пак Андрес Бреивик имале Фејсбук профили. Отсуството онлајн е основа за сомнеж. Но обратното пак е основа за злоупотреба:
„Се обидувам да покажам дека вашите податоци можат да бидат искористени од кого и да е. И дека треба да почнеме да сносиме одговорност во врска со тоа", вели Фарид, „а не да се откажуваме од приватноста во замена за бесплатни онлајн сервиси“.