„Театар на просторната опера“ (Théâtre D'opéra Spatial) се опишува не само како уметничко дело туку како феномен кој го има променето пејзажот на дигиталната креативност. Авторот Џејсон М. Ален, кој е уметнички директор за видео игри, ја спојува технологијата на ВИ и човечката визија. Ова негово дело беше поднесено на натпреварувачкиот Државен саем на уметност во Колорадо и ја доби првата награда за дигитално манипулирана фотографија.
Но овој опис на натпреварувачката категорија не е сосема точен - сликата е генерирана од Midjourney, вештачка интелигенција која работи со текстуални „промптови“ односно наредби, а е тренирана преку анализа на милијарди слики, вклучително и клучните зборови кои ги опишуваат нивните автори, креативни стилови и расположенија. Ален пробувал голем број комбинации додека не добил слика која најмногу одговарала на неговата замисла.
Но она што следело било мачен пат (кој се уште не е завршен) за тој да добие авторско право врз оваа и врз другите слики генерирани на овој начин. Бирото за авторско право и интелектуална сопственост на САД повеќе пати одбива да му додели го додели, наведувајќи ја доминацијата на ВИ во процесот на креација. Сепак, ваквиот став го игнорира веќе воспоставениот критериум, според кој клучно за добивање на авторско право е дали делото е оригинална креација на човечко авторство. Ако ја сметаме ВИ само како четка или длето, значи алатка на уметникот, тогаш оваа дефиниција важи. Ален е автор затоа што користел технолошка алатка во обликувањето на својата визија, во екстензивен дијалог со „машината“.
Исходот од овој случај, кој е во тек, ќе има далекусежни последици за уметниците како него, чии дела сега на пазарот не ја постигнуваат посакуваната цена, споредлива со оние на другите оригинални дела, а истовремено не се ни вреднувани во еснафските кругови.
„Ја загубив почитта кон колегите-уметници“, вели Ален. „Особено оние кои ме нападнаа и продолжуваат да ме напаѓаат. Сепак, го задржувам правото да се изразам користејќи генеративни алатки“.
Случајот ја нагласува тековната тензија помеѓу технолошкиот напредок и традиционалните идеи за креативност и авторство.