Сè на страницата на бистрото е направено за да изгледа како реален ресторан, со реално мени. Но всушност се работи за уметнички проект, а негов директор е холандскиот уметник Коерт ван Менсворт (Koert van Mensvoort). „Ова е виртуелен ресторан, тука служиме само храна за умот", вели тој.
Како да се јаде месо со чиста совест, без да се игнорираат последиците по животната околина и благосостојбата на животните? - прашува Менсворт, и нуди решение: месо од епрувета.
Во светот, и тоа токму од научник од Холандија, веќе е произведен првиот хамбургер целосно составен од клетки растеин во лабораторија во Лондон. Во 2013 тој достигна цена од 330 илјади долари. Тоа засега е далеку од достапна продажна цена на еден обичен сендвич, но тоа не значи дека тука треба да се запре.
Токму затоа во 2014 Менсворт објави „Ин витро готвач", кој содржи 45 рецепти со месо од епрувета, кои истражуваат и визуелизираат како би можеле да изгледаат овие оброци еден ден, кога секој дома би можел да има „инкубатор" во кој би си одгледувал месо. Меѓу нив, на пример, е сладолед од месо со различни вкусови, меѓу кои на менито на Бистрото се наоѓа оној со вкус на змеј, „мешавина месо кое има вкус на митолошкото суштество", како и она со вкус на поларна мечка. Најпопуларно пак видео е она за „плетеното месо", кое може уште да се вика и „клот-фркет".
Најгрозно пак ни беше нешто што се вика „Скокоткач на грло" - лигаво суштество, „нешто помеѓу морска амеба и секси играчка", коешто нема нервен систем и органи, но се „грчи" кога врз него ќе се стави нешто солено.
Иако пребарувавме детално, ќебапи и мангулица засега не најдовме.
Поврзано: Дали вегетаријанците можат да јадат ин-витро растено месо?