Тркачката што со „иле“ го променила правилото дека жени не смеат да трчаат маратон

„Жените не се физиолошки способни да истрчаат маратон“. Овие зборови ги добила Роберта Боби Гиб како одговор на нејзиното барање за официјална регистрација на Бостонскиот маратон во 1966. Така ли? - помислила жената која во тој момент била способна ко ништо да истрча 60 километри во еден здив.

Иако 1960-тите ги замислуваме како години на либералност и промоција на човековите права, ставовите кон спортистките се уште биле прилично архаични. Иако многу пати претходно било потврдено дека жените во принцип можат да истрчаат 42 километри, сепак тркачките биле изземени од сите маратони низ светот. 

Роберта Боби Гиб одлучила да го промени ова. По три ноќи и четири дена на автобус од Сан Диего до Бостон, таа на 19 април 1966 пристигнала на стартот на Бостонскиот маратон, носејќи шорцеви од брат ѝ, сина блуза со качулка и одоздола црн целосен костим за капење кој ѝ ги стегал градите. Се скрила зад грмушките на стартната линија и чекала. Кога се слушнал истрелот за почеток, толпата тргнала а таа во гужвата се приклучила.

Мажите-тркачи веднаш сфатиле дека имаат „колешка“ со нив, но целосно ја поддржале. Ова ја охрабрило да ја соблече блузата и веќе да не се крие. Наскоро за првата и единствена тркачка во маратонот дознале и медиумите, кои почнале да известуваат за нејзиниот напредок. Почнала да скандира и публиката, особено жените, чувствувајќи дека тука не станува збор само за тоа дали Роберта ќе победи, туку за нејзиното симболично учество како прва жена тркач на маратон. За овој момент таа се подготвувала две години, трчајќи низ земјата и спиејќи под ведро небо. Повиците на поддршка особено се засилиле кога поминувала крај колеџот за жени, Велсли, каде девојките ја дочекале со солзи. Ова ѝ дало сила - ја завршила трката за импресивни три часа, 21 минута и 40 секунди, побрзо од две третини од останатите, машки натпреварувачи. 

Антологиска фотографија (најгоре) ја покажува како со грч на лицето се приближува до финишот. Таму ја пречекал гувернерот на Масачусетс, кој ѝ честитал. Но по целосното завршување на трката, кога мажите тркачи ја поканиле на традиционалната чорба, вратарот не ѝ дозволил да влезе во просторијата, со зборовите: „Само за господа“. 

Доколку денес изгуглате која била првата жена што истрчала маратон, ќе ви се појави името на Катрин Швицер. Точно е дека таа прва официјално го истрчала Бостонскиот маратон во 1967, под бројот 261, регистрирајќи се под родово неутралното К.В. Швицер (ова наводно не го сторила намерно, туку секогаш така се потпишувала). На истиот ден, 19 април, но сега една година подоцна, над 600 тркачи го започнале маратонот на студено и влажно време. На почетокот сите ја поддржувале, но нештата набргу се промениле. Камионче на некои од присутните медиуми почнал да ја следи, а новинарите да ѝ довикуваат - „Што бараш тука?“, „Што сакаш да докажеш?“. Но кулминацијата настапила кога од возило полно со службени лица излетал ко-директорот на Маратонот, агресивен Шкот по име Џок Семпл. Изнервиран од коментарите на новинарите и кон него, дека дозволил „девојче“ да му учествува во трката, тој ѝ се приближил од грб и почнал да ѝ ги кине ознаките. „Тргај се од мојата трка“ - ѝ се дерел. Тогаш дечкото на Катрина (инаку рагби играч, голем и силен), кој исто така учествувал во маратонот, го отргнал.  

Лутината ѝ дала сила на Швицер да ја заврши трката, за четири часа и 20 минути. Имала само 20 години, но уште тогаш изјавила - „Сега велите дека нема веќе да трчам. Но кога ќе прочитате дека некоја баба од 80 години умрела во Централ парк трчајќи, тоа ќе бидам јас. Ќе трчам до крајот на животот“.

Денес таа има 77 и се уште настапува и на трки и на едукативни предавања. Во 2017 (значи пред само 8 години) го истрчала Њујоршкиот маратон, со време од четири часа и 48 минути. А сè почнало од Боби Гиб.

31 јули 2024 - 11:07