Три нови биографски филмови за Зелда Фицџералд

Кога различни продуценти ќе се фатат да прават биографски филмови за еден ист лик, тоа се претвора во трка кој ќе биде ем побрз, ем подобар. Во моментов интересен за екранизација им стана животот на жената на Ф. Скот, почината пред седумдесетина години.

Џенифер Лоренс треба да ја игра Зелда Фицџералд во адаптација на бестселер биографијата на Ненси Милфорд, „Зелда“ од 1970, која таа година влезе во најтесниот избор за Пулицеровата награда. Филмот најверојатно ќе го режира Рон Хауард (добитник на Оскар за „Прекрасен ум“), а Лоренс ќе биде ко-продуцент на проектот.

Ф. Скот Фицџералд ја нарекувал својата сопруга „првата американска флаперка“, претставничка на генерација млади жени кои во 1920-тите носеле кратки сукњи, пиеле, пушеле, возеле автомобили и генерално ги прекршувале важечките родови норми за тоа време. Таа и Скот станале симболи на Џез ерата, но освен во пар со него таа не го обезбедила заслуженото авторско место во историјата на книжевноста. Постојано растргната помеѓу сопствениот талент и желбата да му помогне на нејзиниот маж, кој ги користел нејзините идеи без да ѝ го даде соодветното признание, таа постојано имала психички проблеми. Била дијагностицирана со шизофренија, и преместувана од една во друга институција. Починала во пожар во една од нив, во болницата Хајланд во Ешвил.

Нејзиниот лик седумдесет години по смртта им станува очигледно интересен на сценаристите и продуцентите, па освен спомнатиот филм со Џенифер Лоренс се најавува уште еден, со Скарлет Јохансон, во проект насловен „Убавите и проколнати“ (според истоимената книга на Ф. Скот, која е хроника на неговиот брак). Предноста на вториов е што е базиран врз документи од санаториумите кадешто таа била сместена. Со тоа целиот гламур и софистицираност на времето во коешто живееле Фицџералдови, а на што главно се инсистира во досегашните филмови за нив и за тоа време, е во силен контраст со драмата која се одвивала помеѓу брачниот пар, чиј однос е опишан како „меѓусебна зависност од пеколот придружен со џез плејлиста“.

Трет филмски производ поврзан со ликот и делото на Зелда Ф. е серија на Амазон, во која неа ја игра Кристина Ричи. Насловот е „З: почетокот на сè“, а од неа е прикажан само пилотот, додека целата серија е планира за 2017.

26 октомври 2016 - 16:20