Трагичното пријателство на еден француски и еден југословенски поет

Ален Боске (1919-1998), француски книжевник со белгиско-руско-еврејско потекло. Бранко Миљковиќ (1934-1961), еден од најпознатите југословенски и српски поети и преведувачи. Двајцата напишале дела посветени на другиот. Во романот на Боске се открива и можната причина за нерасветлената смрт на Миљковиќ.

„Залудно ја будам
Ја будам
поради сонцето кое се објаснува себеси преку растенијата
поради небото распнато меѓу прстите...“

Голем број генерации растеа со стиховите на Бранко Миљковиќ, трагичниот југословенски поет, кој живеел само 27 години. Починал ноќта помеѓу 11 и 12 февруари 1961, а на овој настан му претходел инцидент во театарска кафеана во Загреб, каде тој пиел со свој колега. Во еден момент станал и почнал да вика - „Зошто ги убиваат поетите во социјализмот?“. Реченица која во тоа време можела да предизвика многу проблеми и токму тоа и го сторила. Целата сала за миг замолкнала. Некој повикал милиција. Кога дошла, двајцата биле туркани низ спиралните скалила и однесени со автомобил паркиран до самиот влез. Набргу потоа, Бранко е најден обесен на дрво на периферија на Загреб. Од тука почнуваат разните толкувања и гласини. Имало мислења дека не станува збор за самоубиство, бидејќи дрвото на коешто тој наводно се обесил просто не можело да го издржи крупното тело на српскиот поет. 

Кога ова би било филм, тука би имало рез и би почнала друга приказна, за француски поет кој во средината на 1950-тите живее во Париз, после бурен период во текот на војната, поминат во вооружените сили, најпрвин на Франција, па на Америка (како дел од американските трупи учествувал и во истоварувањето кај Нормандија). Во неговата поезија се чувствуваат влијанијата на францускиот надреализам, но е најкарактеристична по некој вид „очудена автопоетичност“ - испитување на самиот чин на пишувањето. Накратко, многу слично како и неговиот српски колега, Миљковиќ, кој бил воодушевен од неговата поезија.

Кога Боске престојувал во Белград во јули 1957, се сретнал со Миљковиќ, а Бранко пак го посетил на два пати, во Париз а потоа и во Рим. Тој преведувал бројни француски поети, но во ниту една библиографија не се спомнува превод на поезијата на Бoске. Сепак, во заоставштината е пронајден необјавен ракопис на преводи на четири негови песни од збирката „Синкопи“. Нему Бранко му посветил циклус песни „Свест за песната“ во збирката „Оган и ништо“ од 1960, за која ја добива престижната Октомвриска награда како најмлад добитник (а од која подоцна се откажал). Истата година во белградското книжевно списание „Дело“ тој објавил текст - „Орфејското завештание на Ален Боске“. 

По трагичниот настан, Боске пишува роман „Потреба за несреќа“ (Un besoin de Malheur, 1963) со поднаслов „Во спомен на југословенскиот поет Бранко Миљковиќ“. Тој во интервју со Влада Урошевиќ од март 1995 за списанието „Градина“ (цитирано тука) го вели следново:

„Судбината на Бранко Миљковиќ веднаш ми се виде егземпларна, и јас не престанав да мислам за него. Ми се довери, во тоа време, дека постојат два света во Европа и дека ангажираната книжевност е една ужасна грешка“. 

Романот раскажува приказна токму за двајца пистаели кои доаѓаат од различни културни и социјални позадини, Франција и Југославија, во времето на 1960-тите. Французот Филип е писател што ги следи трендовите и живее од лукаво смислени јавни настапи, кои всушност маскираат огромна здодевност и самоомраза. Еден ден, одлучува да се надмине себеси и пишува езотеричо дело под псевдоним. Во меѓувреме продолжува да си живее по старо, но сега со една изменета свест дека сепак прави и нешто ангажирано и интелектуално. 

Во Белград пак писател по име Ранко Бабиќ ја користи книжевноста како оружје. Разочаран од партијата, тој се бунтува. Ја открива езотеричната книга на францускиот поет, после што почнува да ја слави ништожноста и да ги прима сите „отрови“ на декадентната западна мисла. Онаму кадешто Филип наоѓа материјал за разбивање на досадата, Ранко ја наоѓа вистината, којашто го чини живот - се убива убеден дека тргнал по погрешниот пат со потчинување на идеолошки директиви. Со јасни тонови на автоиронија, Боске пишува за човек кому дури и трагедијата на колегата му изгледа како материјал за водвиљ, во кој вербалните акробации ја замаглуваат вистинската тема - страдањето.

Миљковиќ пак за поетот рекол:

„Тој гледа повеќе од другите затоа што го насетува она што на другите им е непристапно; од друга страна, тој гледа понеодредено од другите, затоа што го насетува и она што на другите им е очигледно. Мотото на поетот треба да биде она на Елијар, 'наспроти секоја очигледност'. Тоа е патот до песната: борба со фактите кои ништо не кажуваат, борба против Светата Очигледност...“. 

25 февруари 2025 - 08:51