Поместувањето на Цветници

Торо и современите истражувања на климатските промени

Додека се чудиме што по толку пекање по неа пролетта мина крај нас без да ѝ се порадуваме, на еколозите одамна им е јасно дека работата ќе оди само на полошо. Современите истражувања на климата се потпираат на голем број извори, па и на книжевни и теориски дела од минатото.

На 4 јули 1845 Хенри Дејвид Торо се преселил во колиба на езерото Валден, блиску до неговиот роден град Конкорд, во Масачусетс. „Заминав во шумата затоа што сакав да се соочам само со суштинските факти на животот", напишал тој во „Валден", книгата која е резултат на двете години, двата месеци и двата дена кои ги минал таму, а која направила тој да биде прогласен за првиот американски борец за заштита на околината (за книгата пишувавме тука).

Еден нејзин специфичен аспект сега се покажува како значаен за еколошките истражувања. Изминатата деценија, Ричард Примак, професор по биологија на Универзитетот во Бостон, соработувал со колеги на Харвард за да ги искористи опсервациите на Торо како основа за револуционерни истражувања во врска со климатските промени. Имено, од 1852 до 1861 Торо ги забележувал прецизните датуми на цветање и испаѓање на лисјата на неколку стотини цвеќиња, грмушки и дрвја во областа Конкорд, правејќи толку детални таблици и списоци што Примак, по тешката задача на одгатнување на ракописот на Торо и наоѓањето современи еквиваленти за имињата на растенијата од 1850, на крај можел истите да ги спореди со денешните опсервации на истата локација.

Резултатот: голем број од видовите кои Торо ги забележал во неговите записи денес ги нема, а 32 вида цветни растенија сега цветаат многу порано. Така, на 11 мај 1853 Торо го забележал цветањето на еден вид боровница (Vaccinium corymbosum, убави бели цветови кои не можат да се помешаат со други), денес најодгледуваниот сој боровница за комерцијални цели во Северна Америка. Но ако тој денес трага по неа на истиот датум, нема да ја најде, затоа што таа сега цвета во последните две недели од април. Ако зимата се покаже топла, истото може да се случи и шест недели пред датумот кој тој го регистрирал. Последнава пролет боровниците во Конкорд процветале на 1. април.

По комбинирањето на историските податоци оставени од Торо со сопствените современи опсервации, Примак заклучува: „едно е јасно - климатската промена пристигнува во Валден Понд". И не само таму, би додале.

 

29 април 2013 - 16:22