„Со гордост објавуваме дека МоМА до сега обезбеди 14 видео игри, што е само дел од списокот од 40 кои ќе бидат вклучени во блиска иднина. Тоа е нова категорија уметнички дела во колекцијата на музејот, која се надеваме дека ќе расте" - изјавила Паола Антонели, постар куратор во одделот за архитектура и дизајн.
Засега во збирката се вклучени класици како Пекман (1980), Тетрис (1984), Сим сити (1994), но и некои понови како Тврдина на џуџињата (2006). Списокот бил составен во соработка со историчари, критичари и експерти од индустријата за игри. Притоа се земени предвид пет клучни елементи: однесување, естетика, простор и време. Игрите се набавуваат во оригиналниот софтверски формат, заедно со кодовите, а секогаш кога е тоа можно ќе бидат прикажани на оригиналните конзоли на кои посетителите ќе можат да ги играат.
„Како и со сите други дизајнерски предмети во бзирките на МоМА, од постeри, столици, автомобили до фонтови, кураторите бараат комбинација на историска и културна релевантност, естетска експресија, функционаност и структурна доследност, иновативен пристап кон технологијата и однесувањето, како и успешна синтеза на материјали и техники. Токму заради таа строга селекција во неа не влегоа некои многу популарни видео игри кои можеби би влегле по дефиниција за некои историчари на видео игрите", додава Антонели.
МоМА со тоа се приклучува на уште неколку познати уметнички институции, како Smithsonian American Art Museum во Вашингтон, кои ја признаваат видео играта како форма на уметност. Реакциите на ваквата одлука се помешани - додека едни ја поздравуваат, како одлична акција за архивирање на интерактивниот дизајн, други сметаат дека на Пекмен и на Тетрис не им е местото покрај Пикасо и Ван Гог. Најсреќни се дизајнерите на игрите, кои на ова гледаат како на знак на промена во борбата нивните производи да бидат земани сериозно, исто како и филмовите или книгите.