Хајлигенштат и денес е идилично место, популарно одморалиште за закрепнување и релаксација на богатите Австријци. Доктор Јохан Шмит, кој се грижел за Бетовен, во 1802 му го препорачал на славниот композитор, кој очигледно го имал загубено раатот.
Главниот извор на неговата вознемиреност била губитокот на слухот, нешто што почнал да го забележува уште во 1796, на возраст од само 25 години. Како што состојбата се влошувала, така тој станувал сè поиспаничен, а за истото сведочат и писмата кои им ги испраќал на блиските пријатели. Бил загрижен не само поради физичката болка, туку и околу тоа како глувоста ќе му се одрази врз карактерот - одбегнувајќи луѓе, што го правело да изгледа како мизантроп.
Надежта на докторот била дека изолацијата во Хајлигенштат, област обиколена од прекрасни ридови и лозја, со можноста за секојдневни прошетки и повремени посети на сулфурните бањи, ќе му го смират умот на пациентот. Па сепак, ова само ја надополнило неговата осама и стравот дека ќе стане чудак.
На 6 октомври таа година Бетовен западнал во очај, па седнал и ги запишал своите мисли во писмо наменето за своите двајца браќа, Карл и Јохан. На четири страници тој истурил искрени и трогателни чувства во врска со своето страдање, губитокот на нешто совршено, што малкумина го имале во неговата професија.
Само помислата на музиката којашто сепак може да ја создаде го спречувала да изврши самоубиство. И покрај тоа, она што денес се нарекува „Тестаментот од Хајлигенштад“ звучи како белешка на самоубиец, со оглед на тоа што содржи совети за тоа како браќата правично да го поделат имотот.
Сепак, Карл и Јохан никогаш не го добиле писмото. Бетовен одлучил да го задржи, заедно со дополнување од 10 октомври. И добро што не се одлучил за радикалниот чекор, бидејќи по неговото враќање во градот се отворила нова институција, Театер ан дер Вин, каде Бетовен бил назначен за „матичен“ композитор. Во април 1803 повеќе од 2000 луѓе присуствувале на концерт каде тој настапил како солист и диригент, изведувајќи го премиерно својот Трет пијано концерт, еден ораториум и симфонијата број 2 која била комплетирана во текот на неговиот престој во одморалиштето.
Генерално веселиот дух на новата симфонија ни од далеку не ја доловува маката низ којашто тој поминувал во тој период. Дури по неговата смрт во 1827 писмото било откриено помеѓу другите документи, со што станало јасно колку се мачел.