Една деценија откако ги креаира овие предмети и жнее успех, особено на американската сцена, oвој самоук уметник почнува јавно да манифестира анти-семитски ставови, и да негира дека холокаустот воопшто се случил. „Зошто помеѓу спомениците кои ја слават историјата на нашата нација во Вашингтон постои музеј на ужасите посветен на луѓе кои никогаш не живееле, не се бореле или не умреле тука? Музејот на холокаустот бил изграден пред да биде направен споменик на 465,000 Американци кои погинале во Втората светска војна.", напишал неодамна на својот Фејсбук профил.
Откако бил запрашан од еден критичар, негов дотогашен подржувач, да се произнесе дали е негатор на истребувањето на Евреите, и дали играњето на наводната иронија му е начин да шверцува радикални десничарски симболи во музеите, галериите и домовите на колекционерите, Крафт одбил да одговори. Но на Гугл може да се најде подкаст на националистичката веб-страница The White Network, чие мото е „Белци кои им зборуваат на белци за бели интереси", каде учествувал. Во тој подкаст Крафт изјавува: "Верувам дека холокаустот е мит, кој се користи за промоција на мултикултурализам и глобализам", додавајќи дека христијанската приказна за жртвување на еден човек (Исус) е заменета со оваа „нова секуларна религија на жртвување шест милиони Евреи...Ние сме еретици на оваа нова религија која се промовира и се гради од страна на владите низ цела САД и Европа".
На прашањето пак дали верува дека Хитлеровиот режим систематски убил милиони Евреи неговиот став е: „Не се сомневам дека Хитлер убил многу Евреи во текот на Втората светска војна, но не верувам дека тие биле внесувани во гасни комори. Мислам дека 700,000-1,2 милиони Евреи умреле од болести, прегладнување, прекумерна работа, одмазди заради напади, бомбардирање и природни причини во текот на војната".
Официјалната страница на Крафт не содржи ништо од сето ова. Неговиот керамички чајник во форма на Хитлер, со бели површини наместо очи во 2003 бил купен од Евреин, а во каталогот пишувало: „Овие очи асоцираат на тоа дека светот бил 'слеп' за ужасите на холокаустот". Авторот текстот во каталогот дури чува порака која ја добил од Крафт во 2008 во која пишува: „Уживав во вашиот есеј во врска со чајниците. Сте си ја завршиле домашната во врска со оној со Хитлер".
Прашањето е: за што се работи тука? Дали Крафт е навистина прикриен нео-нацист кој со години ја зафркава американската уметничка сцена, или ова е негово двојно проигрување со една чувствителна тема, социјално-уметнички експеримент за кој еднаш ќе проговори дека бил токму тоа - опипување на границите на толеранција. Еден куратор на негова изложба од 2006 на која била прикажана свадбена торта со свастика се сеќава дека го посетил во студиото и го прашал дали се смета за нео-фашист или симпатизер. Тој рекол не, но додал со смеење: „Дали би ве плашело ако е поинаку?"