Лора Прувост официјално ја претставува Франција на Венецијанското Биенале, најпрестижниот уметнички собир на светот, кој за јавноста се отвара денес. Но таа е мажена за Британец, има живеено во Лондон 18 години, а во 2013 ја доби Тарнеровата награда. И иако во моментов е базирана во Антверп, се смета себеси за Британка.
Токму затоа покрај нејзиниот официјален проект на Биеналето таа одлучи да направи и еден неофицијален - тунел под елегантниот француски павиљон во Џардини, кој води под грандиозниот британски павиљон до него. „Секоја вечер го копав без да им кажам на Британците и без да ги известам Французите“, изјавила таа. „Тие сигурно немаше да дозволат, за да не се сруши зградата или нешто слично. Затоа копав навечер, се среќававме во 8 навечер, јас и уште неколкумина, и копавме откако ќе заминеа сите“.
Тунелот е замислен како протест против Брегзит и треба да ја промовира идејата за останување заедно во ЕУ. Уметницата која ја претставува Британија наводно ја прифатила идејата да почне да копа и од нејзината страна и да се сретнат со колешката на средина.
Што се однесува до основниот проект на Прувост, тоа е филм за надреално патување на неколкумина патници од предградијата на Париз до Венеција, на кое марокански волшебник прави масите да левитираат и живи гулаби излегуваат од слики. На крај ликовите пристигнуваат на одредиштето, но со чувство дека реалната цел на патувањето е идеализирано место, на кое никогаш не може да се стигне.