Во 19-тиот век поштенските пратки биле една од највозбудливите ставки во понекогаш здодевниот живот во конзервативната викторијанска средина. Бидејќи писмата можеле да бидат прочитани од родителите и домашните, оние кои се допишувале изнашле креативен начин да си ги соопштат чувствата - ги шифрирале со посебен начин на поставување на поштенските марки.
Еве еден пример. Извесен Вил ѝ пишува на госпоѓица Лора Лич со надеж дека „Боб јаде некои убави јадења“ (малку чудна реченица, можеби интерна шега, но во секој случај ништо спорно). Но реално, поставеноста на поштенската марка кажува друга приказна. Вил всушност и' вели на Лаура - „Копнеам да те видам!“.
Овој систем на испраќање пораки преку поштата постоел во голем дел од светот иако имало значајни варијации помеѓу различни земји. Најгорната слика ја покажува врската меѓу местото на лепење и поставеноста, на пример марка залепена на средина и наопаку значела „Вистински те сакам“ и „Секогаш мислам на тебе“. Горе најдесно значело „Дали ме заборави?“, а долу најдесно: „Кога ќе дојдеш да ме видиш?“. Ако имало повеќе од една марка тогаш се добивале и цели текстови односно комбинации на реченици. Истражувачите на ваквиот тип на испраќање пораки идентификувале дури 270.000 варијации!
Секако, компаниите во ова виделе одлична можност да продадат повеќе разгледници. Тие отпечатиле милиони водичи за испраќање пораки, иако никогаш не постоело централизирано „тело“ кое го стандардизирало кодот од регион во регион. Ова понекогаш создавало забуни, бидејќи превртена марка за 90 степени во една земја можело да значи „Одговори веднаш!“, а во друга „Сакам да ми бидеш само другар/ка“. Кој знае до какви последици довело ваквото недоразбирање.