Тајната библиотека во град под опсада

Пандемијата го киднапираше јавниот дискурс, и истурка други значајни теми на маргините. Една од нив е како да се преживее, и физички но и ментално, во град под опсада. Не од вирус, туку од војна. И не со трупање тоалет хартија, туку со спасување книги. 

Нова книга на Мајк Томсон, радио и телевизиски новинар кој со години ги покрива настаните во Сирија за Би-би-си, носи наслов „Сириската тајна библиотека: читање и искупување во град под опсада“. Во регион во кој би се очекувало луѓето да се занимаваат со спасување на голиот живот, а не да читаат, во 2013 група ентузијасти од Дараја, град југо-западно од Дамаск, спасиле илјадници книги од уништени домови, завиткувајќи ги во ќебиња, како да се ранети луѓе. Ги пренеле книгите во подрум од зграда чии горни катови биле бомбардирани, и формирале библиотека. Оваа подземна збирка опкружена со вреќи со песок функционирала како оаза на нормалноста во морето уништување.

Самоназначениот библиотекар на оваа необична „институција“ во 2013 имал 14 години и се викал Амџад. Тој во тефтер ги запишувал имињата на оние кои сакаат да позајмат книга, а потоа по цел ден седел во подрумот и самиот читал. Тука се одржувал и неделен книжевен клуб, како и часови по англиски, математика и дискусии за историја, книжевност и религија.

Најголем проблем во моментот на формирање на библиотеката било како да се привлечат луѓе, а сепак нејзината локација да остане тајна, за да не биде уништена од сириската армија. Во Дараја во тоа време имало 8,000 жители од предвоените 80,000, и тие секојдневно се соочувале со недостаток од храна, вода и струја. 

Томсон своите интервјуа со луѓето поврзани со библиотеката ги правел преку Скајп и социјалните медиуми. Кога снемувало интернет неговите извори ги снимале своите коментари на телефон како аудио дневници па потоа му ги праќале кога ќе добиеле интернет. Неговата книга е оценета како „сочувствителен и инспиративен портрет“ на град каде суштинска потреба било „гориво за душите“, книги кои ќе ги отворат портите кон надворешниот свет и барем за миг ќе го одвлечат вниманието од тешката реалност.

извор

18 мај 2020 - 09:06