Таен агент, воен пилот и автор на бестселери - почина Фредерик Форсајт

Писателот кој ги претвори своите новинарски искуства и работата со британската тајна служба во светски бестселери, почина на 86-годишна возраст по кратко боледување.

(фото: Epa Images)

„Денот на шакалот“, „Досието Одеса“ и „Кучињата на војната“ - ова се само неколку од најуспешните дела на Фредерик Форсајт, кој внесе новинарска прецизност во своите трилери, менувајќи го овој жанр. Со темелно истражување и динамична нарација, неговите книги беа продадени во повеќе од 75 милиони примероци ширум светот. Добитник е на повеќе признанија, меѓу кои и Орден за заслуги од британската круна.

Самиот има многу интересна биографија, рамна на трилер. Роден во Кент во 1938 година, служел како пилот во военото воздухопловство, но кога сфатил дека ова не може да му биде професија, започнал да патува. Како новинар за Ројтерс, случајно добил можност да известува од Париз во 1961 година, кога Франција била потресена од обидите за атентат врз Шарл де Гол. Тогаш добил инспирација за „Денот на шакалот“, приказна за невидлив професионален атентатор. Taa беше на неколку пати преточена во филм, а минатата година хит беше серијата во 10 епизоди „Шакал“ со Еди Редмејн во главната улога. 

Подоцна, Форсајт работел за Би-Би-Си и известувал од Африка за време на тамошната војна помеѓу Бијафра и Нигерија. Кога неговите извештаи не одговарале на политичките ставови на британската влада, која се обидела да ги цензурира, Форсајт дал отказ и се вратил во Бијафра како независен новинар. Таму ја обелоденил трагедијата на гладот, а во исто време почнал да соработува со британската тајна служба. Иако не се сметал за класичен шпион, признал дека повеќе од 20 години бил „соработник“ на разузнавачките служби.

По враќањето во Британија, без работа и без пари, одлучил да напише роман за атентаторот без идентитет. Така, за само 35 дена го напишал „Денот на шакалот“. Со „Досието Одеса“, пак, го истражувал бегството на нацистички злосторници по Втората светска војна. Бил критикуван за тоа што наводно ја користел болната историја за сензационализам, но романот помогнал во вистинско идентификување на еден нацист. Ова се случило во 1974, кога излегла филмската адаптација со Џон Војт и Максимилијан Шел. Тогаш почнало повеќе да се зборува за тн. „Касап од Рига“, нацистичкиот злосторник Едвар Рошман, кој по премиерата бил уапсен од аргентинската полиција. Тој успеал да избега во Парагвај, каде умрел три години подоцна. 

Во наредните децении продолжил да пишува бестселери со теми како нуклеарно оружје, трговија со дрога, исламски тероризам и геополитички кризи. Форсајт бил критичар на Тони Блер и голем поддржувач на излегувањето на Велика Британија од Европската унија. Не бил романтичен во однос на пишувањето, велејќи дека пишува за пари, иако сепак уживал во тоа.

10 јуни 2025 - 17:16