Вероника Зарник е млада и убава аристократка од Љубљана, која со својата појава и однесување предизвикува метеж каде и да се појави. Ги сака коњите, ги заведува луѓето, има дозвола за пилотирање со авион и милениче-алигатор. Нејзиниот сопруг е секогаш беспрекорно облечен бизнисмен, кој ја сака својата сопруга, но нема многу време за неа. Здодевноста таа се обидува да ја победи со неочекувани потези, туку-така да се качи на воз во кој и да е правец и откако ќе се „издува“ да се врати дома.
Но некои нејзини каприци имаат подалекусежни последици, како кога ќе го заведе нејзиниот коњички тренер - кралски офицер, ќе избега со него за кога ќе сфати дека скромниот живот во српска провинција не ѝ одговара, ќе се врати во дворецот на сопругот, Стрмол. Оваа нејзина одлука, но и генерално слободарскиот дух кој не води сметка за конвенциите на времето и местото во коешто се наоѓа, ќе ја чинат живот.
Приказната е прекрасно раскажана во „Таа ноќ ја видов“ на Драго Јанчар (превод на македонски на Дарко Спасов, на словенечки прв пат издадена во 2010), кој неа ја истражува од пет перспективи: онаа на љубовникот на Вероника, на нејзината мајка, на слугинката, на германскиот воен лекар-семеен пријател и работникот на имотот на нејзиниот сорпуг кој е потајно заљубен во неа. А и кој не би бил?
Иако не е директна биографија, романот е инспириран од судбината на Радо и Ксенија Хрибар. Радо бил банкар и индустријалец кој во 1936 го купил дворецот Стрмол, каде тој и неговата сопруга ги собирале словенечките и европските великодостојници и уметници. Домот им бил полн со уметнички дела и предмети со исклучителна вредност, кои и денес се изложени таму. Една од атракциите е препарирано алигаторче, миленичето на Ксенија, кое во некој момент го гризнал газдата и завршил во салонска витрина. Делот со српскиот офицер Глишиќ е вистинит, како и генералниот опис на Ксенија, која имала пилотска дозвола меѓу другото и затоа што една од неостварените цели на Хрибарови било создавање мала фабрика за авиони од кои два веќе биле дизајнирани. И самата била богата - нејзиниот дедо бил еден од најбогатите луѓе во Ријека.
Кога почнала Втората светска војна, Радо сакал да игра паметно и да контактира со Германците, но истовремено им помагал на Британците и на партизаните. Во една прилика им ги спасил животите на членови на некоја регионална чета испраќајќи двајца негови ловци да ги извести за доаѓањето на Германците. Иронично, но неговите идни убијци ќе бидат токму од нивните редови.
Идеолошки индоктринираните ликвидатори всушност биле инструирани од контра-обавештајната служба, а целата акција била дел од партиското „чистење“ во тој регион. Тие пристигнале во Стрмол на 4 јануари 1944 во 11 ноќе. Вратата ја отворила Ксенија бидејќи препознала еден од нив како пријател. Партизаните го прогласиле нејзиниот сопруг за воен криминалец, а нејзе за соработник со окупаторот (поради пријателите-Германци). Роднините на убиените во 2000-та судски докажуваат дека ова не било случај, и ја анулираат пресудата. Национализираниот имот е вратено на семејството по независноста на Словенија, и е прогласен за културен споменик од национално значење. Романот на Јанчар помага во доловувањето на атмосферата на тој историски период, но и на комплексните класни и политички позадини на биографиите на главните ликови, на кои им се потрефило да живеат во „интересни“ времиња. Според него е направена и претстава на Југословенско драмско позориште oд 2021.