Во славниот роман „Името на розата" на Умберто Еко, токму една забранета книга со комична содржина беше причината за мистериозната смрт на бројни монаси кои дошле во допир со неа. Смеата во христијанството, барем во Новиот завет, не е смешна. Ликот на Исус е претставен како крајно сериозен, а и светците не се смеат. Црквата историски на смеата гледала како на демонска работа, која ги ослободува мрачните нагони и го деформира човечкиот лик.
Телогот и новинар Хинрих Вестфал од Хабург, сакајќи да го разбие овој стереотип, подолго време собирал вицеви со христијанска тематика и ги објавил во книгата „Од смешно до свето" (Heiter bis heilig). „Христијанскиот свештеник мора да биде весел", е ставот на еден од најпознатите баптистички проповедници од 19. век, Чарлс Хадон Спурџен. Хуморот и шегите го олеснуваат животот, но тие ги приближуваат и ги објаснуваат и апстрактните верски теми, особено онаа во врска со смртта. Со нив често се служат протестантските свештеници, кои кажуваат шеги дури и на погреби, за малку да ја разбијат мачноста на атмосферата и да понудат надеж во иднината. Католицизмот пак е повеќе мета на вицеви отколку што самиот ги промовира - во книгата секако се вклучени оние „помеките". Евангелистите пак се застапени со овој виц - во евангелистичка градинка воспитачката прашува: „Деца, што е тоа кафено со крзно и бушава опашка што весело скока од гранка на гранка?". Се јавува некое дете: „Би требало да е верверичка, ама штом сме тука, мора да е нешто во врска со Исус".
Како што пишува Дојче Веле, откако ја објавил книгата, на Хинрих Весфал често му се обраќаат колеги-теолози и свештеници прашувајќи го дали има добар виц на лагер. Објаснувајќи го својот став за врската помеѓу хуморот и верата тој го цитира ликот од романот на англискиот писател Честертон, „Отецот Браун", кој вели: „Хуморот е само облик на манифестација на религијата - само оној кој стои над нештата може да се насмевне". Можеби од ова можат да научат нешто и нашите, православни свештеници, кои не се баш познати по смислата за хумор. А тој некогаш навистина може да влее вера.