За новиот роман на Басара, „Контраендорфин“ се вели дека се движи помеѓу кафански и чаршиски оговарања, гротеска, хумор, опис на културната политика, но и референци на дела на претходниците, особено на Андриќ. Називот на романот е поврзан со „жлездата на народите на Југоисточна Европа, екстремна анатомија која лачи контраендорфин - хормон на несреќата и хаосот“, па оттаму јадот, бедата и чемерната историја на тие народи се последица на хормонално пореметување а не на вековно ропство и неправди.
Интервјуто на Иван Миленковиќ во Време е направено по повод излегувањето на книгата, од кое пренесуваме мал дел.
Ја има Рене Магрит онаа слика на која има луле, а под него пишува „Ова не е луле“. Во која мерка таа стварност - како и да ја сфатиме - обврзува?
Можеби е подобро да се каже: во која мерка стварноста ме принудува на компромис. Од неа се нема каде. Но дали е таа стварност стварна? Тоа отприлика сака да го каже Магрит прогласувајќи ја лулата за не-лула. Сето тоа е монгу покомплицирано во Србија во која веќе два века се одвива процес кој Манес Шпербер го опиша како „производство на привид од кој произлегува привид на стварноста, а кој завршува со стварност на привидот“. Во таа смисла некој тукашен Магрит би можел да нацрта пиштол, а под него да напише „ова е луле“, и сите би се колнеле дека на цртежот има луле, дури и кога тоа ќе пукне.
„Контраендрофин“ се врти околу неколку оски. Делото на францускиот филозоф и лекар Жорж Кангилем - неговото ремек-дело „Нормално и патолошко“ е една од тие оски.
О, да. „Нормалното и патолошкото“ е сјајно читачко искуство кое коинцидираше со кулукот на „Контраендорфин“. Освен што бил лекар и филозоф, Кангилем бил и поет. Штом ја прочитав реченицата „да се биде болен значи да се биде лошо, но не како лошо момче, туку како лоша земја“, која ја употребив и како епиграф, а повеќе пати се спомнува и во романот - сè се расплетка, двегодишната недоумица што (и како) да се пишува моментално се разреши, ми требаа уште две години тоа да го развијам, да го отфрлам вишокот (иако нешто вишок остана), а го видов и самиот крај - сцената на Ангелот на уништувањето кој со прдеж срамнува сè со земја.
Зошто велиш „кулук“? Дека пишувањето е кулук, тоа е стар мотив, но што значи „кулук“ во твојот случај? Пекиќ седум пати ја препишувал „Златното руно“. Некои поглавја од „Човек без својства“ Музил ги препишувал по дваесет пати.
Па зарем не е кулук да го препишуваш „Златно руно“ седум пати, а „Човек без својства“ дваесет? Кулук е и две години (до ден точно) по кој знае кој пат речиси секој ден да менуваш ред на зборови во скоро секоја од речениците, и цело време притоа да се движиш по работ на сечилото на досадата и вулгарноста. Да изгубев ритам на две-три места, да не исфрлев некаде или да не додадов некое „и“ или „меѓутоа“, целата конструкција ќе се срушеше. Чудна работа. Дури кога се довлечкав до, да кажаме, страна 275, бев сигурен дека романот ќе го дадам во печат, а уште почудно, на приближно 295-та сите претходни страници се исполнија со смисла која ми бегаше.
Целото интервју (со претплата) тука