Осумнаесет души присутни на оперската претстава „Санкта Сузана“ во Штудгартската опера, која беше прикажана минатиот викенд (5 и 6 октомври) побарале медицинска помош. Изведбата вклучувала несимулиран секс, садистички сцени и големо количество лажна и реална крв. Режијата е на австриската кореографка Флорентина Холцингер (38), позната по екстремни изведби кои ја замаглуваат границата помеѓу театар и водвиљ. Вообичаено сите актери во нејзините претстави се жени, а поставките вклучуваат голтање мечеви, тетовирање, мастурбација и сликање со крв или измет.
Но која е всушност операта која крена толку џева, од една страна покренувајќи лавина критики, од друга продавајќи билети ко алва на штандот на операта во Штутгард?
„Санкта Сузана“ (или Света Сузана) е опера на Германецот (подоцна Американец) Пол Хиндемит, чија премиера се одржала во Франкфуртската опера на 26 март 1922. Таа ја истражува врската помеѓу целибатот и страста во христијанството, прикажувајќи како една група калуѓерки запаѓаат во сексуално лудило. Секако, и во негово време ова било дочекано со, во најмала рака, „мешани критики“, но контекстот - раниот 20 век - според авторот барал отфрлање на дотогаш важечките конвенции и во музиката и во уметноста воопшто. Помеѓу другото, либретото (на експресионистот-поет Аугуст Штрам) и театарската изведба доминираат над говорот, кој е високо фрагментиран со скратувања и нецелосно искази. Фокусот е поставен на експресионистичката идеја за шок, артикулирана музички (низ необични хармонии и мелодии) но и низ глумата на актерите.
Контроверзноста на операта на Хиндемит му правела тешкотии во изнаоѓање на место каде ќе ја изведе, како во ангажирање на диригент. Дотогашниот соработник, Фриц Буш, кој бил сметан за прогресивен и бил огромен поддржувач на делото на Хиндемит, одбил да учествува врз морална основа. Критичарите по премиерата напишале дека „изведбата претставува богохулие фрлено врз нашите културни институции“. Практично истото што се случува и сега, повеќе од сто години од првата изведба. Сепак, сите понатамошни претстави, до 3 ноември, се распродадени.