Киран Шах (1956) е роден во Најроби, Кенија, во индиско семејство, кое подоцна се преселило во Англија. Кога имал 20 години видел оглас за научно-фантастичен филм кој барал „низок човек“. Отишол во студиото и таму му бил претставен на нервозен млад човек по име Џорџ Лукас. Овој побарал од него да влезе во лимена корпа за ѓубре и да се обиде да се движи со неа. Она што Шах не го знаел е дека тоа е аудиција за улогата на Ар-ту-ди-ту од „Војна на ѕвездите“. Не ја добил, но кастинг директорот на Лукас го бендисал и му доделил агент. На тој начин започнала неговата речиси 50-годишна кариера како „најнискиот статист на светот“.
Полесно е да се набројат блокбастерите во кои не глумел, отколку обратно. Секако, тешко е да се препознае во „цивилка“, затоа што често е дублер за друг лик или е во костим и со многу шминка за некое митолошко суштество. Има играно голем број ликови од „Војна на ѕвездите“, бил дублер за сите хобити во „Господарот на прстените“, бил статист во филмовите за „Супермен“ со Кристофер Рив и ги играл сите деца на „Титаник“ (уште поимпресивно бидејќи не знае да плива).
Работел со: Лукас, Џејмс Камерон, Стивен Спилберг, Питер Џексон, Ридли Скот, Тери Гилијам, Џ. Џ. Абрамс. Неговиот физички изглед и висина (126 сантиметри) му имаат помогнато да најде „ниша“ во кинематографијата која му донела апсурдно богата кариера.
Во детално интервју за Гардијан тој ги раскажува најинтересните моменти од својата работа. Меѓу другото, моментот кога на сетот на „Супермен“ се запознал со Марлон Брандо. „Марлон веднаш ме крена и почна да игра. Му велев, Марлон те молам спушти ме, не ми се допаѓа кога ме креваат. На крај го стори тоа, а Донер (режисерот на филмот) се сврти кон Рив и покажа на мене, велејќи 'Кристофер, ти најдов дублер!' Целата екипа се скина од смеење“.
Но Донер не се шегувал. За летечките сцени тимот за ефекти користел повеќе дублери со различна величина, до Шах. Го облекле во славниот костим на Супермен (и маска на Рив) и тој висел на жици неколку денови со тупаницата испружена пред себе. Вели дека уживал во сето тоа, како и во делењето цигара со Рив кому не му било дозволено да пуши па заедно се криеле по ќошиња како палави тинејџери.
Проблемите со растот (кој во неговиот случај делуваат како благослов) се должат на хормонален дефицит. Но тој не се сеќава на своето детство како на трауматично, поради поддршката од семејството кое не се однесувало кон него како кон „различен“. Играл фудбал и крикет, и голтал филмови, главно вестерни и боливудски.
Запрашан за најомилената улога, тој го издвојува „Господарот на прстените“, каде не бил „обичен“ дублер, туку морал да ги проучи движењата и манеризмите и на Елајџа Вуд и на другите хобити. А од најинтересните анегдоти ја издвојува средба со Фреди Меркјури на една од легендарните забави кои овој ги организирал. Фреди му понудил платен ангажман за да ги пречекува гостите облечен како султан, со турбан. На почетокот на забавата среде просторијата била поставена „каца“ со кокаин, но тој е сепак дискретен околу тоа кој сè бил таму и што се случувало.
Денес Шах се уште живее со мајка му, братот и снаата, опкружен со сувенири од различните авантури. Пишува и поезија и веќе не прави опасни статирања. „Ми се случија нешта кои не беа планирани. И беше забавно“, вели тој.